Поради грешка може да избие пожар: Ауди најави ново повлекување на автомобили

Германскиот гигант Ауди повлекува 330 илјади возила во Германија поради опасност од избивање на пожар, соопшти компанијата од Инглоштад.

Проблематична е електричната конекција на помошниот греач на моделите A4, A5 и Q5 произведени во периодот од 2011-та до 2015-та година. Досега се случиле неколку инциденти поради грешка со потенцијалното прегревање и пожар, но за среќа нема повредени.

Наводно биле потребни само неколку часа сервисирање за да се реши проблемот, па од германската компанија ги конктактирале своите купувачи да ги однесат своите автомобили во сервисните центри за да биде саниран проблемот.

Поради истиот проблем, германскиот производител повлече околу 250 илјади автомобили од пазарот во Соединетите Американски Држави.

Ауди пред само неколку дена повлече 52 илјади луксузни модели А6 и А7 во САД и Канада произведени во периодот од јануари 2011-та година и септември 2013-та година поради проблеми со потенцијално протекување на гориво кое што исто така може да доведе до пожар.

Станува збор за доводот за гориво каде што има точка на компресија поради лесната инсталација, но тоа со текот на времето можело да ослаби и да резултира со протекување на гориво.

Кога станува збор за проблемот со протекувањето на горивото, досега немало пријавени инциденти поврзани со пожар. Сепак, дилерите на Ауди ќе го решаваат овој проблем од 5-ти февруари идната година. Компанијата засега не откри колкави ќе бидат трошоците поради повлекувањето на автомобилите.