Балканските земји немаат доверба во сопствените валути

Kризата на Европската монетарна унија ja обнови дискусијата за девизните режими. Во овој контекст интересно е да се знае што е подобро за една држава: да има самостојна национална валута, да е обврзана со тврд курс кон странска валута или да е дел од наднационалнata монетарна унија?, прашува „Ноје Цирхер цајтунг“ во анализа на темата.

Според изданието, досега се свртува премалку внимание на фактот дека Источна Европа претставува интересна лабораторија за слични прашања. 25 години по падот на „Железната завеса“ во регионот се застапени речиси сите можни девизни режими. Некои од земјите во меѓувреме го воведоа еврото, на пример балтичките држави, Словачка и Словенија. Други продолжуваат да одржуваат сопствена национална валута. Полјаците пример се уште ги имаат своите злоти, Чесите – чешката круна, а Унгарците – форинти. Банките во овие земји поддржуваат „лебдечки“ девизен курс и вложуваат во монетарната политика на определено, постојано одржувано ниво на инфлација.

Има сепак и голем број меѓу форми. Со помош на „монетарен борд“ Бугарија и Босна / Херцеговина ги обврзаа националните валути со фиксен курс на еврото. Косово и Црна Гора за возврат се откажаа од сопствени валути и еднострано го прифатија еврото како официјално средство за плаќање, забележува авторот на сторијата Матијас Бенц.

Предноста на сопствената валута

Весникот го цитира актуелно истражување на ММФ, кое стигнува до заклучок дека одржувањето на сопствена национална валута во принцип дава познати предности на економијата на една земја. Постојат меѓутоа и разбирливи причини, кои тераат голем број земји од регионот да се откажат од монетарната независност, пишува швајцарскиот весник и нуди анализа на некои од главните фактори.

Весникот прави и забелешка дека заклучоците кои можат да се извлечат од девизните режими во Источна Европа не можат да важат на истиот начин за западноевропските земји и објаснува зошто:

„По политичката промена некои од земјите успеаја до одреден степен да ја надминат економската заостанатост од времето на социјализмот, но и покрај тоа не можат да се споредуваат со високо развиените економии на западните држави. Карактеристично за регионот е дека по промената многу од поранешните социјалистички земји страдаа од хиперинфлација. Чешка, Словачка и Унгарија беа единствените земји во регионот, кои не беа сериозно погодени од инфлацијата во текот на транзицијата кон пазарна економија. Во балтичките и во балканските земји сепак годишната инфлација во одредени моменти надминува 1000%“.

Евро

Затоа беше потребно, се вели во анализата на швајцарското издание, овие земји прво да се стабилизираат. За да се постигне оваа цел, беше одлучено нивните национални валути да бидат цврсто врзани со германската марка, а потоа и со еврото. Транзицијата кон флексибилни девизни режими се оствари дури доста години по политичката промена и тоа чекор по чекор. Прва Чешка се откажа од поврзаноста на својата валута со германската марка – тоа се случи во 1997 година – и оттогаш води самостојна монетарна политика со контролирана инфлација. Подоцна ја следеа Полска и Унгарија, како и некои земји од балканскиот регион (Романија, Србија, Албанија). Во 2007 Словенија направи уште порешителен чекор откако се приклучи кон Европската монетарна унија и го усвои еврото, Словачка го направи истото во 2009, проследено со балтичките држави Естонија (2011), Летонија (2014) и Литванија (2015).

Меѓу подемот и кризата

Каков успех покажаа различни девизни режими во Источна Европа? Авторите на истражувањето на ММФ, цитирано од „Ноје Цирхер цајтунг“, го испитувале бурниот период меѓу 2003 и 2016 година. По првичниот невиден источноевропски бум регионот е тешко погоден од меѓународната финансиска криза и запаѓа во длабока рецесија.

Емпириските резултати од истражувањето покажале уште дека земјите со сопствена национална валута успеваат полесно да излезат од рецесијата, во нив се набљудувале и послаби макроекономски флуктуации, поради тоа што располагале со „вентилот“ на променливиот девизен курс. Затоа економскиот раст, а така исто и нивото на инфлацијата во овие земји не покажуваат огромни отстапувања нагоре или надолу.

Во „златните години“ меѓу 2003 и 2007 тоа отпрвин значи дека во земјите со сопствена национална валута економскиот бум е помалку изразен. Прирастот таму е помал отколку во земјите врзани со еврото. Поголемата динамика во овие земји сепак често е предизвикана од бум во кредитирањето. Поврзаноста со еврото води до релативно ниски реални каматни стапки и луѓето имаат корист од овој факт, за да земаат поповолни кредити. Овој феномен, според весникот, потсетува до одреден степен за ситуацијата во Јужна Европа по воведувањето на еврото, каде ниските реални каматни стапки доведуваат до вештачки балон во кредитирањето и продажба на недвижен имот.

Во годините на глобалната финансиска и економска криза, сепак земјите со сопствена национална валута се помалку погодени од кризните феномени. Со прилагодување на монетарните курсеви овие земји успеваат да го ублажат шокот и да ја задржат својата конкурентност. Според авторите на студијата на ММФ, засегнатите земји се опоравија од кризата значително побрзо отколку земјите врзани со еврото. И рецесијата во нив се задржала пократко време.

Западен Балкан

Изгубената доверба

Се поставува прашањето зошто сите земји во регионот не прифатиле режим на самостојна национална валута, откако тој очигледно носи одредени економски предности? Една од главните причини е дека многу луѓе во балканските земји немаат голема доверба во сопствената валута, поради преживеаната хиперинфлација, последните политички промени. Повеќето банки во балканските земји во меѓувреме се справуваат подобро со своето работење и инфлацијата одамна веќе не е сериозен проблем таму. Но лошите спомени од пред две децении очигледно даваат одраз и до денес. Затоа многу луѓе во балканските држави и досега ги држат своите заштеди во евра, како и земаат кредити во евра.

Силната „евроизација“ на Балканот е тоа што не им овозможува на политичарите и банките лесно да се отцепат од поврзаноста со заедничката валута и да воведат флексибилни девизни режими. Најлесно изгледа балканските држави едноставно да го прифатат еврото како платежно средство, но за повеќето од нив тоа уште долго ќе остане нереална цел. Засега тие можат само да ги ублажат недостатоците на таквиот монетарен режим. Своја самостојна и флексибилна валута може да има само оној народ кој има довербата кон неа, се вели уште во анализата.

Извор: Стандард