Деветто издание на „Панфиз“ Интернационалниот фестивал на пантомима и на физички театар

Со претставата „Легенда за фауната и за патувањето“ на Маи Рохас од Барселона, Шпанија, синоќа (9 октомври), во Македонскиот народен театар, на мала сцена, беше отворен деветтиот Интернационален фестивал на пантомима и физички театар „Панфиз“.

Шест претстави се на програмата на фестивалот, кој ќе се одржува до 11 октомври на малите сцени на Македонскиот народен театар и на Македонската опера и балет. Во МНТ, вечер со почеток во 21.30 часот ќе настапат гостите од Врање со „Замислен свет“.

Утревечер во МНТ гостува Националната академија за филм, телевизија и театар „Крсто Сарафов“ од Софија. Класата на професорот Александар Илиев ќе ја изведе претставата „MATER NATURA“ („Мајка природа“), а по нив ќе настапи Александар Илиев со „Пјеро“.

За третиот ден од фестивалот во МОБ, на малата сцена ќе биде изведена претставата „Живот на висока нога“ на Центарот за развој на циркуската уметност „Лудифико“ од Нови Сад, а по нив ќе настапи младиот уметник од Панчево, Марко Нектан со „Чекорот на сафирот“.

На „Панфиз“ ќе биде доделена само една награда, за најдобра претстава, која е спонзорирана од Антонија Цветанова и Росен Пацов од Бугарија, кои живеат во Франција.

Жирито годинава го сочинуваат нашата примабалерина Тања Вуисиќ-Тодоровска – претседател, а членови се професорот по драматургија на новосадската академија Милан Пузиќ и директорката на Пулс театар од Лазаревац Ивана Недељковиќ.

Фестивалот „Панфиз“ го поддржуваат Министерството за култура и Град Скопје.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Please enter your comment!
Please enter your name here