Догодина за секое прваче во Oпштина Аеродром надомест од 3.000 денари

Фокусот на Општина Аеродром во претстојниот период ќе бидат заштита на животната средина и подобри услови за образование и грижа за младите. На вчерашната седница на Советот на општината беше изгласан буџетот за 2018 година.

За педагошко и основно образование се предвидени повеќе од половина, или 51,3% од вкупните буџетски расходи за 2018 година. Со нив се планирани средства за нови објекти за две градинки, преземање на трошоците за обезбедување на објектите во градинките и училиштата и обнова на подови во ООУ Лазо Ангеловски и ООУ Љубен Лапе. Исто така, од оваа година Општина Аеродром ќе дава надомест од 3000 денари за секое прваче и еднократен паричен надомест за талентирани спортисти.

Средствата за заштита на животната средина изнесуваат 7,1% од вкупниот Буџет, од кои 20.000.000 денари се предвидени за директни мерки за борба против загадувањето, што е за 20 пати повеќе од минатата година.

Општина Аеродром во моментов бара и поефикасен начин за финансирање на енергетско ефикасни фасади за станбените објекти, кој би овоможил побрзо темпо на работа. Досега беа издвоени значителни средства од Буџетот за само 7 фасади. Ова темпо е незадоволително, земајќи го предвид големиот број станбени згради на кој им е неопходна реконструкција на фасадите.

Буџетот на Општина Аеродром за 2018 година е изготвен според предлозите и потребите на граѓаните и е наменет да овозможи решенија за најгорливите проблеми што ги слушнавме во кампањата.