Игор Џамбазов објави книга со стиховите на песните што ги пеел и кои многу други ги пееле

loading...

Издавачкиот центар „Три“ ќе ја промовира новата книга на Игор Џамбазов, со наслов „Улица диши длабоко“. Овојпат Џамбазов објавува стихови, надополнети со анегдоти за секоја од неговите песни. Промоцијата ќе се одржи во ресторанот „Вип база“ (3та Македонска бригада, во склоп на „Американ колеџ“) на 27 декември (среда), во 19 часот.

Книгата „Улица Диши длабоко“ е збирка од најпознатите песни напишани или изведени од Игор Џамбазов. Покрај незаборавните блуз-стихови, тука се и забавните описи за инспирацијата и процесот на нивното настанување, како и општествените (не)прилики, интимните исповеди и сите негови (не)згоди и пороци.

„Некаде во моите рани тинејџерски години, татко ми, големиот ’маестро‘ Џамбазов, тогаш сè уште активен како композитор и аранжер, постојано учествуваше на конкурсите за големите фестивали, кои во тоа време ги имаше во секој поголем град од тогашната федерација, и сè повеќе имаше потреба од добри текстови за своите композиции. А текстописци имаше сè помалку и помалку. И еден ден… реши да ми даде шанса. А јас… не ја пропуштив.

Оттогаш наваму напишав илјадници стихови. За сè и сешто. За детски композиции, театарски сонгови, стихови за моите колеги-актери, за рекламни кампањи, радио­реклами, новогодишни претстави, текстови за ’народњаци‘, рокери, текстовите за сонговите од легендарната претстава ’Женски оркестар‘, а во последните дваесет и пет години стихови за моите песни, за мојот блуз-бенд, како и за најголемите поп-пејачи и групи на нашево музичко небо. За ’Нокаут‘, Тамара, Тијана, Каролина, Ребека, Калиопи, Елена, но и за многу млади и сè уште неафирмирани пејачи.

Пријателе мој, во оваа книга ќе најдеш стихови кои навистина успеале да опстанат во ова време во кое инвазијата од кичот и шундот достигна кулминација. Ќе најдеш ’хитови‘ кои публиката и денес ги пее наизуст на моите концерти, но ќе најдеш и за тебе наполно непознати текстови кои се нашле тука само затоа што ми се мене посебно драги. На крајот ќе најдеш и некои стихови кои јас нескромно ги сместувам во графата – ’поезија‘.

Кога почнав да ја подготвувам оваа книга сфатив дека повеќето од насловите на моите песни личат на улични графити. Затоа и ја нареков книгата вака –’Улица Диши длабоко‘“, објаснува Игор Џамбазов.