Илинденското црешово топче – Дел од македонската историја чувана во Турција – Галерија

Воениот музеј Харбије во Истанбул е дом на Илинденското црешовото топче. Токму заради тоа бев во посета на Воениот музеј со надеж да го видам. Разгледувајќи го сиот арсенал на оружје од секаков вид, запленето од вековните Османлиски освојувања и битки, не успеав никаде да го видам во богатите музејски збирки.

Се обратив до еден од службениците во музејот кој ми кажа дека цречовото топче не е дел од постојаната изложба на музејот заради материјалот од кој што е изработено и дека се наоѓа во депото на музејот. Можност истото да се види, односно да се добие пристап до збирките во депото на музејот  е само доколку се добие официјална дозвола од Врховниот Штаб на Турската Армија од Анкара.

Со помош на госпоѓа Гулшен Арсланбога, која е историчар на уметност, а вработена во одделот за топовско оружје и пиштоли, и еден од генералите вработени во музејот, се  напиша молба до Врховниот Штаб во Анкара во која побаравме да ми се даде дозвола да го видам и докуметирам топчето за моите потреби како докторант на Универзитетот Истанбул . По две недели добив позитивен одговор од Анкара.

При повторната посета на музејот бев пречекана со интересна вест. Имено во депото на Воениот Музеј Харбије во Истанбул се наоѓаат две црешови топчиња запленети во Илинденското Востание. Ги фотографирав и двете, и детално проанализирав нивните мерки и димeнзии на калибар ( 68 и 66мм) и бев воодушевена од можноста која ми ја укажа Воениот Музеј во Харбије Истанбул буквално со раце да  допрам  историја.

Двете топчиња во музејскиот архив се  заведени како Бугарски.  На едното е наведено дека е од Илинденско востание (İlyan isyan ) и 1903 година, а другото дека е само од од почеток на XX  век и едноставно заведено како Бугарско. Вработените во одделот за реставрација, каде што се наоѓа едно од двете топчиња побара од мене да им објаснам кое било тоа востание односно се прашуваа  што значело напишаното на архивскиот документ „ İlyan isyan“.

Се разбира детално им објаснив за историските случувања во Македонија и подетално за настаните  во 1903та година,  конкретно за нашето најзначајно востание и тие веднаш одлучија да ги корегираат архивските картици и на двете топчиња (прилог сл1.)

Сл.1 Лево може да се види стариот архивски документ на кој е наведена 1903 година и Илинденско востание, а  десното забележано дека  топот е Македонски . Подоцна овие податоци ќе бидат обработени и ќе влезат како корегирани и во генералниот каталог на музејот за топовско оружје.

На моето прашање, откако го видов сиот воен арсенал кој Османлиската Империја го имала уште од 13век, зошто Македонците се спротивставиле на толкав аскер со црешов топ, одговорот беше многу едноставен, велат:

“Многу е лесно од цреша да се изработи топ и за многу кратко време, а лесно да се пренесе од едно место надруго, црешата како дрво е  многу цврста и овие топови најчесто биле користени за едно до две испукувања, по што распукувале .“

(што е воочливо и на овие два топа Сл.2 Сл.3)

“Разорната моќ можеби не им е многу голема, меѓутоа важен бил топовскиот звучен ефект кој го правеле при експлозијата“.

Сл.2  Второто топче

Сл.3 Познатото црешово топче

Двата топа се со приближно слични димензии едното е со должина од 134 см и дијаметар од 18 см со калибар од 68мм (сл.4) а другото е малку подеформирано (самото дрво било такво) и е со должина од 131см , дијаметар во едниот правец 18см а во другиот 21, исто така со калибар од 66мм сл.5). На двата краја биле зајакнати со челични прстени како би го спречиле распрснувањето на дрвото при првото испалување.

сл.4

сл.5

Морам да искажам огромна благодарност до сите вработени во Воениот Музеј Харбије во Истанбул кои не себично ми излегоа во пресрет да ми овозможат  да ги  евидентирам овие два значајни македонски топа.

Како истражувач, кој има добиено дозвола од највисоките воени инстанци во Турција, задолжена сум од Воениот Музеј Харбије во Истанбул, при давање на овие информации за моето истражување, откритие и работа во нивниот музеј, секогаш да биде наведено дека изворот на сиот материјал, фотографски и пишан е Воениот Музеј Харбије во Истанбул.

Документирал:

Велика Ивковска, Докторски кандидат,

Дипл. Инж. Арх., Магистер по архитектура и дизајн,  

Извор на фотографии и материјал:

Воен Музеј Харбије во Истанбул (İstanbul Asker Müzesi)

9 септември 2014, Истанбул, Турција