Изводи од матичните книги ќе се добиваат и во канцеларија во Општина Аеродром

Жителите на Општина Аеродром од денеска ќе може да добијат извод од матичните книги на родени, на венчани и на починати во новоотворената Канцеларија на Управата за водење матични книги (УВМК) во Општината.

Отворањето на канцеларијата, како што рече директорот на Управата за водење на матичните книги Ѓоко Котевски, е со цел да се намали времето на чекање на издавање изводи од матичните книги во Подрачното одделение Скопје, каде до сега жителите на Општина Аеродром ги прибавуваа потребните документи.

– Жителите на општина Аеродром кои се родени во другите градови на Македонија нема потреба да одат до нивните места на раѓање за да ги добијат потребните документи. Од денеска тоа можат да го направат во оваа канцеларија – рече Котевски.

Според градоначалникот на Општина Аеродром Златко Марин, на овој начин граѓаните ќе заштедат време и пари и ќе го избегнат чекањето пред шалтерите.

– До крајот на годината Управата за водење матични книги планира да отвори канцеларија и во општина Карпош, а на почетокот на 2018 година ќе биде отворено матично подрачје во Бутел со што ќе се раздвои од Чаир – рече Котевски.

Отворањето на канцеларијата, како што додаде, е со цел да се приближат институциите на државната управа до граѓаните и нивните потреби и е во согласност со проектот на Владата 3-6-9.

Општина Аеродом е првата Општина која го реализира овој проект.