Комбиња од други градови оставаат кучиња скитници во Кавадарци

Комбиња со регистарски таблички од други градови оставаат кучиња во Кавадарци во последните неколку месеци, тврди кавадаречкото Здружение за заштита на животните „Аними реино“. И градоначалникот на Кавадарци, Александар Панов, смета дека ова навистина се случува во градот, објави порталот Сдк.мк.

Од Здружението велат дека секојдневно ги хранат бездомните животни, но забележале дека има голем број кучиња, кои претходно не ги гледале тука.

– Од друга страна, пак, некои од кучињата кои обично се на кавадаречките улици, ги нема. Сите донесени кучиња имаат некаква болест, која, за среќа, не е пренослива на луѓе – велат од Здружението.

Тие апелираат до граѓаните на Кавадарци да ја документираат секоја несекојдневна појава во врска со кучињата-скитници.
– Кога ќе ни кажат само нам дека го виделе настанот, нема да променат ништо, затоа што не сме биле таму и немаме никакви дополнителни докази и информации. Затоа, замолуваме секого што ќе забележи ваков случај, веднаш да повика полиција, да запише регистарски таблички, евентуално да снима, задолжително да ги фотографира кучињата за да може да се интервенира – велат од „Аними реино“.

Здружението бара од жителите да не се однесуваат насилнички кон кучињата скитници.

– Ние ги згрижуваме додека има соодветен простор за нив, но не сме семоќни. Некои од нив ги лечиме на улица. Бараме разбирање од кавадарчани, доколку не можат да помогнат, да не ни одмагаат – апелираат од Здружението.

Сомнеж дека се заловуваат кучиња скитници од една општина и се пуштаат во друга, изрази и кавадаречкиот градоначалник Александар Панов.

– Има појави на фаќање кучиња од една општина и пуштање во атарот на друга. Мислам дека тоа е еден некоректен однос на некои мои колеги или на некои луѓе што работат во тие општини. Си го решаваат проблемот во својот двор, но го фрлаат во дворот на други општини. Такво нешто, според моите сознанија, имало во Демир Капија. Туѓи комбиња растовараат кучиња-скитници за да не ги убиваат, а сигурен сум дека и во Општина Кавадарци се случило тоа. Точно не знам од кои општини се прави ова, меѓутоа факт е дека почнуваме да се соочуваме со ваков феномен. Веќе плаќаме и казни за каснување од куче-скитник, па ако продолжи така, тоа финансиски ќе се одрази на локалната самоуправа – вели Панов.

Тој вели дека преку ребалансот на општинскиот буџет се издвоени екстра пари за решавање на проблемот со кучиња-скитници. Нагласува дека решавањето на проблемот мора да опфаќа хуман третман кон кучињата.

 (Објавено во “Слободен печат“)

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Please enter your comment!
Please enter your name here