ЛИЛА ФИЛИПОВСКА: „Јас сум човек од момент, кога нешто ме прави среќна ќе го направам колку и да е погрешно“

Лила Филиповска е нашето најпрепознатливо ТВ лице кое публиката обожава да го гледа во секое издание во последниве дваесетина години. За неа нема потреба многу да се говори, одлична е во секој проект кој досега го работела, а притоа е и една од најдобро стилизираните скопски дами и токму поради тоа Лила е нашиот денешен Скопски лик на денот. Како што вели и самата, таа е типична жена Вага и ужива да изгледа одлично, но покрај тоа таа е и една искрена и отворена личност која со задоволство ја прифати нашата покана за разговор. Теми за разговор секако дека не ни недостасуваа бидејќи секогаш има квалитетно што да ни каже. Од водителството, патувањата, модата и љубовта, па се до нејзините најомилени нешта, во опуштена атмосфера Лила ја отвори душата и ни откри малку повеќе за себе.

1. Што за Вас претставува Скопје и која е Вашата прва помисла за него?

– Јас не сум од оние кои ќе кажат дека Скопје е мојот роден град бидејќи не е. Јас сум родена во Гетеборг, Шведска, меѓутоа Скопје е местото каде го поминав поголемиот дел од животот и очигледно тука и ќе останам. Како помала сакав да го напуштам и замислував да живеам на друго место, а сега не можам да замислам да живеам некаде надвор. Сакам да прошетам меѓутоа повторно да се вратам одве. Првата помисла на Скопје, да бидам искрена ми е Плоштадот, меѓутоа оној Плоштад и она Скопје кое што јас го знаев кога бев дете. Потоа ми текнува на Ванила, на Рекорд каде што се собиравме да излегуваме, на Водно, на слаткарницата Шехерезада, но за сето ова мислам пред околу дваесетина години, а секако ме асоцира и на Старата скопска чаршија којашто тогаш беше најраздвижена.

2. Како би се опишале себеси, која е Лила кога ќе се исклучат камерите?

– Искрено не сум многу поразлична од онаа Лила што гледачите ја гледаат пред камерите, затоа што на телевизија е вистинската Лила. Јас сум на телевизија веќе 22-3 години и јас не можам да глумам. Можеш да глумиш ден, месец или година… но толку време не можеш да глумиш. Така што кога ќе се исклучат камерите дома Лила е истата, само без шминка. Јас сум жена која што ги сака луѓето генерално и има позитивен поглед на светот, жена која што сака да ужива во убави и многу едноставни нешта. Мразам кога луѓето мислат дека среќна ме прават само некои скапи работи и скапи места. Тоа не е точно, моето омилено место е мојата дневна соба и мојата софа. Така што кога ќе се исклучат камерите Лила е без шминка во пижами, со лаптопот, со омилената серија, со софата во омилената соба и со омилената шолја за кафе.

3. Како изгледа еден Ваш слободен ден кога немате снимања и како го поминувате слободното време?

– Прво отспивање. Уживам во добриот сон, сакам да сум наспана, затоа што тогаш сум најпродуктивна и сум најрасположена. Потоа се подразбира обавезно кафе со блиските луѓе кои не се во голем број реално. Најдобри ми се Боки 13, мојот асистент Спасе и уште неколку други кои не би ги набројувала. Тука се подразбира кафе и ручек, одење во „Miss En“, салонот каде што сум амбасадор за убавина, но не поради тоа туку затоа што навистина уживам во третманите. Масажата е неизбежна, освежување на лицето, ноктите кои секогаш мора да се средени и секако одење во теретана. Секогаш кога сум слободна не пропуштам, само не дај боже кога сум болна, не успевам да одам. Тоа е тој слободен ден од прилика, иако секој ден ми е буквално различен и не се знае како може да заврши. Секако тука спаѓаат и многуте состаноци, така што во принцип слободните денови ретко кога ми се вистински слободни, па можам да одлежам по дома.

4. Досега сте се појавиле како водителка на повеќе квизови и емисии за избор на млади таленти, и самите се имате испробано како пејачка, а сме Ве гледале и во уште некои други улоги, во што од сето тоа најмногу се пронаоѓате и што од постигнатото Ви е најмило? Проект на кој најмногу се гордеете?

– Првиот проект кој ми паѓа на памет за кој што се гордеам е и мојот прв проект – „Енигма“, квизот на знаење. Тоа е нешто што би сакала да го работам и после сезоните на „Се или нешто“. Тоа е квиз во кој најпрво најмногу се пронајдов себеси, затоа што јас по природа сум квизаџија. Јас израснав со „Квискотека“ и со Оливер Млакар кој до денес ми е омилен водител и омилен лик на кој кога се сеќавам ми создава дури и носталгија. Сум го видела и сум го запознала во живо, тој е дефинитивно јунак од моето детство. Така исполнувањето на мојот сон како водител беше токму водењето на Енигма, како и поради популарноста што ја стекнав и јас и самиот квиз. Втор проект, на кој се гордеам исто така, е квизот со Мишко – „Несоница“, квиз за кој по 15 години луѓето се сеќаваат на одредени ситуации и гости. И третиот проект на кој што се гордеам е последниот, којшто е исто така ултрапопуларен со оглед на тоа дека е седма сезона и има индиции дека ќе трае уште долго и е доказ дека сме направиле вистински избор.

5. Ве поврзувале/ат со повеќе личности од јавниот живот, можеме ли да кажеме дека Лила во моментов е заљубена и дали помислувате некогаш повторно да стапнете на лудиот камен?

– Јас сум полуда и од лудиот камен така што се е возможно. Многу сум непредвидлива, јас сум човек од момент. Не дека не размислувам за постапките, но кога нешто ме прави среќна во тој момент го правам без разлика колку и да е погрешно, значи ако мене ме прави среќна не може да е погрешно. По првиот развод јас бев прилично сигурна дека нема ни втор пат да се случи, но обично велат каде има втор пат-таму има и трет. Така што ништо не се знае со мене, можам да изненадам. Тоа не значи дека во моментот имам на ум и дека планирам нешто такво, меѓутоа доколку мислам дека е тоа нешто што треба и што ме прави среќна ќе го направам колку и да е погрешно. Инаку јас сум секогаш заљубена. По вториот развод си ветив дека нема да кажувам со кого сум, зошто сум, како ми е и што ми е… колку помалку луѓе знаат толку си посреќен. Научив многу работи, дека и кога нешто ме повредувало и не било вистинито не треба да коментирам многу и да се објаснувам, затоа што секој си верува во она што него му одговара. Можеш да се правдаш колку сакаш, но секое правдање буди уште поголем сомнеж кај луѓето, па така оставам да си мислат што сакаат. Дали сум сама, со двајца или со еден можат да мислат што сакаат, битно е јас да сум исполнета и среќна.

6. Кога се зборува за стилски и модерни дами секогаш се споменува Вашето име, тешко ли е секогаш да бидете дотерани од глава до пети? Дали тоа што сте јавна личност ви налага постојано да бидете стилизирана или е тоа личен стил кој од секогаш сте го практикувале?

– Се што не го правиш од срце и го правиш ради реда, кај и да е ќе бидеш откриен. За да лажеш мораш да имаш и добра меморија за да знаеш што си излажал, така е и со моите јавни настапи генерално. Јас сум типична жена Вага, јас едноставно уживам. Моето дотерување, облекување, шминкање и сето тоа како јас изгледам е мој начин на живот. Јас не можам да си дозволам себеси да излезам несредена, но тоа не значи дека на сред бел ден излегувам со вештачки трепки и јака шминка. Секогаш велам можеби не можеме да имаме се скапо, но средени нокти, измиена коса и чиста облека сите можеме да си дозволиме. Не ми е обврска, мене ми е задоволство и јас уживам да изгледам убаво. Ако не си се бендисам себеси, џабе некој ќе ми каже дека изгледам убаво. Јас имам моќ на брзо спремање и не сум од жените кои се спремаат со часови, немам нерви за тоа, но сите знаат дека каде и да одиме јас ќе излезам средена, па дури и во теретана. Јас немам совршено лице. Им завидувам на таквите жени кои што можат да излезат и без шминка. Познавам жени коишто поубаво ми изгледаат без шминка отколку со шминка, но јас не сум од тие. Поубаво изгледам со минимална шминка. Но затоа на плажа не сакам да носам воопшто, односно знам каде треба. Моето подготвување е мој начин на живот, ниту е обврска, ниту е нешто што го правам заради другите.

7. Често кажувате дека сакате да патувате и дека сте посетиле повеќе дестинации во светот, која е Вашата најомилена дестинација и што е најчудното или најнеобичното нешто што ви се случило некаде?

– Најчудниот град којшто сум го видела е Дубаи и тоа пред 5-6 години. Бурџ Ал Араб е една од најфасцинантните градби коишто сум ги видела и Бурџ Халифа – највисоката зграда, но ако станува збор за модерни градби. Таму има и едно навистина необично нешто, затворен скијачки центар на мраз со минусни температури во внатрешноста додека надвор има +50 степени. Исто така нешто што ме воодушевува се и делата на Гауди бидејќи јас сум всушност заљубена во неговиот лик и дело. Саграда фамилија би ја издвоила, но исто така ја сакам и Нотр дам во Париз. Јас сакам да шетам и сакам да разгледувам и сакам да ме фасцинираат работите. Од егзотични места можам да кажам сум била во Мајами и на Бахамите. Јас сум тип кој многу сака емисии од типот на ЦСИ, Мајами посебно и ми беше фасцинантно да ги посетам местата каде е сниман филмот. Само жалам што не го видов омилениот лик – Хорацио. Последно нешто што ме воодушеви е Прага, која иако е релативно блиску до нас долго време ја немав посетено, а следна дестинација која сакам да ја посетам е Мароко. Од интересна ситуација можам да издвојам дека кога бев во Белизе, на крстарење, налетавне на огромни монсунски дождови така што со друштвото со кое што бев се изгубивме и немавме никаков контакт будејќи не ни работеа ниту мобилните телефони. Сите моравме да преседиме на различни места, па јас си најдов друштво во еден ресторан каде ме забавуваа. Иако дождот беше ситен и дури по малку пријатен те обзема страв бидејќи се наоѓаш на крај на светот, пријателите ти ги нема никаде, седиш со непознати луѓе во еден ист простор и не можеш да излезеш, а од Белизе буквално ништо не видов. Јас сум човек којшто сонува големи соништа и кога сонуваш големи соништа тие ти се исполнуваат – јас сум доказ за тоа.

8. Доколку би можеле да се родите повторно би смениле ли нешто во Вашиот живот?

– Да, би сакала да бидам машко. Да сум истата оваа јас, само да бидам машко. Чудна ми е таа машка психологија, се обидувам да ја разберам, се обидувам да ги сфатам, да се ставам на нивно место и би сакала во следниот живот да бидам машко. Да бидам Лила во машко издание.

9. Каде се гледате за 10 години од сега?

– За 10години јас веќе навистина би сакала да имам нешто свое. Го сакам маркетингот и тоа што го работам, па би сакала да смислам некоја нова социјална мрежа. Работам со нив, постојано сум активна и фасцинирана сум од нив и можеби би сакала нешто такво свое, кое би го користела за мрежа, за пријателство, за работа, комуникација и слично. Јас многу сакам море, па би сакала базата да ми е некаде покрај море. Немам посебна желба каде, меѓутоа би сакала да бидам нешто налик на светските писатели кои бараат инспирација во некои големи тивки куќи покрај море. Знам дека звучи филмски, но јас сум едноставно таква. Би сакала да можам да сум во некое такво место каде што само еднаш неделно би морала да отпатувам за да завршам работа и да се вратам. Навистина преморена сум и од ова темпо и од годините, иако секако би сакала уште минимум 10 години да работам, независно дали на телевизија или не. За 10 години би сакала малку да се смирам, затоа што веќе предолго сум во оваа работа и сум експонирана, па лека полека чувствувам дека сум заморена.

10. Нешто повеќе за Вашите омилени работи.

– Омилено јадење? – Порок ми е слаткото. Торти, колачи или било што. Не го јадам во големи количини, но не си го ускратувам тоа задоволство и можам да кажам дека тоа ми е единствен порок. Инаку ги сакам нашите традиционални јадења, ја сакам македонската кујна, па така можам да кажам дека омилени јадења ми се јадењата на мајка ми, како грашок, боранија, леќа и слично.
– Омилене пијалок? – Искрено, вода. Најобична, негазирана и ладна вода.
– Омилен пејач/ка? – Од странските ја почитувам многу Џенифер Лопез, затоа што сите и ги оспоруваат квалитетите дека е просечна пејачка, а таа направи империја само затоа што знаеше да го направи тоа, иако не беше најдобра во тоа. Исто така ја почитувам и Бијонсе затоа што е права кралица, а од нашите Тамара која ми е и блиска пријателка. Од мажите, после Мајкл Џексон не можам да најдам друг машки идол.
– Омилен глумец/ица? – Ал Пачино и Дензел Вашингтон од мажите и Мерил Стрип од жените бидејки не постои подобра глумица од неа.
– Омилена книга? – Од поновите би ја споменала „40 правила на љубовта“ од Елиф Шафак, а уште од мала многу ја читав Агата Кристи и секогаш мислев дека ќе бидам некоја детективка. Од екранизирани книги би ги споменала „The Notebook“ и „Мемоарите на една гејша“ која беше пресликана буквално како што ја замислував додека ја читав.
– Омлен филм? – „Кум“ можам да го гледам милион пати и повторно ќе ми биде омилен, можеби баш поради тоа што е Ал Пачино во него, а исто така го сакам и „Легенда за есента“.
– Најсекси маж од славните? – Бредли Купер ми е омилен во секоја варијанта кога зборуваме за секси маж.

11. Кое е Вашето омилено место во Скопје?

– Поради секојдневните обврски во телевизија Сител, доста време поминувам во Градскиот парк, па како омилено место би го издвоила езерцето пред зградата во Градскиот парк заедно со клупите, каде, за време на паузите со колегите знаеме да излеземе и да поминуваме дел од времето.

(Наталија Јосифоска)