Македонија ќе ја следи ЕУ ако се укине летното сметање на времето

Доколку Европската комисија одлучи да го укине летното и зимското сметање на времето, се очекува и Македонија да се прилагоди на овие промени.
Поради фактот дека земјите од ЕУ се најголемиот трговски партнер на Македонија, македонската бизнис заедница будно ги следи овие случувања бидејќи тоа може да доведе до сериозно пореметување на соработката.

Како што објасни Билјана Пеева-Ѓуриќ од Стопанската комора на Македонија логично ЕУ е нашиот најголем надворешно-трговски партнер и над 80 проценти од нашиот извоз е насочен на европскиот пазар.

-За да не постојат разлики во соработката со компаниите од тие пазари сметаме дека ваквото решение би било логично да се примени и кај нас – смета Пеева-Ѓуриќ и дополни дека ова законско решение се применува кај нас од 1996 година за да се овозможат поголеми заштеди на електрична енергија и повеќе користење на дневната светлина, што е особено потребно за земјоделскиот сектор и за транспортот.

Во меѓувреме, крајната одлука за укинување на зимското и летното сметање на времето треба да ја донесе Европската комисија, на предлог на Европскиот парламент. По повеќе од 45 години од воведувањето на летното и зимското сметање на времето пратениците во Европскиот парламент деновиве изгласаа укинување на летното сметање на времето. Против укинување гласаа 154 европски пратеници, но мнозинството од нив односно 384 лица гласаа “за”. Но, нивната одлука не може да стапи во сила без согласност од Европската комисија, која ќе треба да го даде последниот збор.

Промената на времето се применува во 60 земји низ светот.

Летното и зимското сметање веќе е укинато во Русија, Турција, Белорусија и во Исланд.