Македонскиот кандидат за Оскар „Ослободувањето на Скопје“ прикажан во Лос Анџелес

Филмот „Ослободувањето на Скопје“, македонско-хрватско-финска копродукција во режија на прославениот актер од поранешните југословенски простори Раде Шербеџија, кому ова му е режисерско деби, и неговиот син Данило Шербеџија, беше прикажан на посебна проекција во Лос Анџелес, пред номинациите за Оскар во категоријата најдобар странски филм.

Проекцијата е одржана пред самото гласање за потесниот избор од девет филмови, што заврши на 12 декември, а во коешто „Ослободувањето на Скопје“ учествува како македонски кандидат за оваа престижна американска филмска награда.

На проекцијата, покрај членовите на Американската академија за филмски уметности, присуствуваше и Анет Бенинг, добитничка на Златен глобус, која и самата повеќепати беше номинирана за Оскар. По проекцијата, режисерот Раде Шербеџија, одговараше на прашања на публиката.

Станува збор за филмска адаптација на култната театарска претстава на Душан Јовановиќ, драма во чие средиште е распаѓањето на семејната заедница во атмосферата на Втората светска војна. Во фокусот на сторијата е момченце кое живее со мајката под германската окупација, додека татко му се бори во партизани. За да го спаси од нацистите членот на семејството, неговата мајка се вработува кај германски офицер, со кој и покрај сè, сè повеќе се зближува.

Последните денови за овој филм се пишуваше доста во американските медиуми. А Шери Линден, критичарка на влијателниот магазин Hollywood Reporter го опишува како „добро раскажан и животен личен поглед на историјата“. Според неа, иако е раскажан од перспектива на дете, филмот ја избегнува сентименталноста и ја носи приказната за сојузништвата и предавствата од воените времиња, за долготрајните последици од колективната вина, а притоа успешно го комбинира хуморот со застрашувачката стварност на војната.

Филмот досега беше прикажан и на Меѓународниот фестивал на камерата во Битола, Пулскиот филмски фестивал, на Сараево филм фестивал, а особено позитивни критики доби на Меѓународниот филмски фестивал во Хелсинки, како и на неодамнешниот филмски фестивал во словачка Братислава, беше прикажан на филмската смотра во Загреб, а му претстојат учества на фестивалите Фест во Белград, Палм Спрингс, Монтевидео, Подгорица….

Покрај Раде Шербеџија, улогите ги толкуваат и познатиот филмски актер Мико Ноусиаинен, Луција Шербеџија, Силвија Стојановска и дебитира Давид Тодосовски кој на почетокот од декември на Мостар филм фестивал ја доби наградата за најдобар дебитант за, како што образложени жирито, „уверливоста на толкувањето на ликот кој содржи многу тешки актерски техники, кој како дете – натуршчик многу успешно ги искажал”. На истиот фестивал на Раде Шербеџија му беше доделено специјално признание за “креацијата која го премостува времето и служи за зачувување на сеќавањата на едно извонредно уметничко дело од сферата на театарот кое сега во филмски облик е сочувано од заборавот”.

Освен „Ослободувањето на Скопје“, за 89-та награда Оскар во категоријата на филм од неанглиско јазично подрачје, од регионот меѓу другите номинирани се и српскиот „Дневникот на машинистот“ од Милош Радовиќ, словенечкиот документарно –игран филм „Хјустон, имаме проблем1“ на Жига Вирц, хрватско-грузиската копродукција „Куќа на другите“ на режисерката Русусдан Глирјидзе, романскиот „Сиераневада“ на Кристи Пуи во кој Македонија учествува со малцински финансиски удел, додека истиот е копродукција помеѓу Романија, Франција, Хрватска, Македонија и Босна и Херцеговина. и исландскиот „Врапци“ на Рунар Ринарсон.

Изборот на кандидатите за најдобар филм на странски јазик ќе биде објавен на 24 јануари, а свеченото доделување се одржува на 26 февруари во Лос Анџелес.

Годинава за оваа категорија се пријавени 85 филмови, а меѓу нив се и веќе успешни филмови на светски прославени режисери како Пол Верховен, Ксавиер Долан, Марен Аде, Пабло Лариана, Џанфранко Роси, Педро Алмодовар.