МЕНУВАЈТЕ ЈА: Оваа банкнота ќе се укинува!

loading...

Укинувањето на банкнотата од 500 евра – борба против криминалот или повлекување на кешот?

Според неодамнешната одлука, Европската централна банка ја укинува банкнотата од 500 евра, а аналитичарите оваа одлука ја толкуваат на различни начини – од напредување во борбата против организираниот криминал, до почеток на крајот на готовината. Според весникот Штутгарт нахрихтен, мал е бројот на луѓе кои до сега во рацете ја имаа виолетовата банкнота.

„Банкоматите ретко кога ја исфрлаат таа банкнота, иако ги има околу 600 милиони парчиња во оптек. Ретко на кој ќе му недостига банкнотата од 500 евра“, пишува германскиот весник, а пренесува Дојче веле.

Весникот пишува и дека банкнотите од 500 евра сочинуваат околу третина од целокупната вредност на кешот во евра во оптек. Ќе биде потребно да се допечатат големи количества банкноти од 100 и 200 евра. Се проценува дека повлекувањето на старите банкноти, печатењето и дистрибуцијата на новите ќе чини најмалку половина милијарда евра.

Германските медиуми тврдат дека овој потег на Европската централна банка нема да им пречи на оние кои се бават со криминал, перење пари и шверц на дрога бидејќи брзо ќе најдат нови патишта за вршење и финансирање на своите зделки. Претседателот на Германската национална банка Јенс Вајдман, во одговорот на прашањето дали укинувањето на оваа пара е „почеток на крајот на кешот“ вели дека готовината има непроценливи предности.

Вајдман истакнува дека оваа одлука на потрошувачите им ги ограничува начините на плаќање и трговијата. „Готовината нуди заштита од ниските или негативните камати. Парите можеа да ги подигнат и да ги стават во фиока. Без готовинатаа таа можност не би ја имале. Сѐ уште не сме дојдени до таму, но укинувањето на банкнотата од 500 евра е повод да се размисли и за тие аспекти“. Шпигл пишува дека „во царството на организираниот криминал предност има готовинското плаќање“.

„Кешот е анонимен, го менува сопственикот со брзина на молња и тешко се следи. Единствената мана на готовината е физичка: потребен ѝ е простор. За исплата на сума од десет милиони евра потребни се 200.000 банкноти од педесет евра, кои, кога ќе се стават на куп тежат 184 килограми. Дискретно предавање на парите во мал куфер е невозможно“, пишува Шпигл. „Врската меѓу укинувањето на банкнотите и сузбивањето на криминалот досега не е докажана“, признаваат дури и експертите од Европската централна банка.

Бројни критичари, според Шпигл, сметаат дека укинувањето на 500-ката и воведувањето горни граници за исплата на кеш не се оружје во борбата против организираниот криминал и перењето пари, туку прв обид да се исфрли готовината од економијата. За укинувањето на банкнотата од 500 евра пишува и весникот Франкфуртер алгемајне цајтунг, во текстот со наслов „Чао, Бин Ладен!“. „Шпанците ја погодија суштината на нештата. Банкнотата во заминување тие веќе подолго време ја викаат „Бин Ладен“.

Сите знаат дека парата постои, но речиси никој никогаш не ја видел. Интересно е тоа што најголемиот број банкноти од 500 евра циркулираат во Шпанија, иако економското учество на таа земја во еврозоната изнесува едвај 10 отсто“.