Модата во Скопје во минатото, не си фраер ако немаш шапка

Не постои скопски фраер од тоа време без шапка и костум дискретно стеснет во половината. И без обична или пеперутка-вратоврска и шамиче во горниот џеб. Чевлите обично биле купувани во “Бата”, а зимските громби капути сошиени од најдобриот англиски штоф. Некои од фраерите биле поскромни, но секогаш со одбрани детали во гардеробата. Во Скопје постоела дури и професија “пуцер” (германски збор), чистач и одржувач на скапа гардероба.

Првите автомобили “форд” достоинствено го крстосувале Скопје, се паркирале пред Офицерскиот дом, подоцна можеле да се забележат пред “Бристол” или “Маргер”. Во хотелот “Парис” можеле да се видат дамите во придружба на отмени господа, главно, познати скопски трговци. Се свирела најмодерната музика за тоа време, а постоел и специјален оддел – пивница каде што се точело странско пиво. Лекарите, писателите, студентите, новинарите седеле, главно, во “Маргер”. Најголеми полемики се воделе помеѓу новинарите. Жестоки караници и дофрлувања биле извикувани преку маса, а покрај навредливите зборови, повремено одекнувала и по некоја шлаканица. Така велат современиците. Затоа, не чудете се од каде ни е толку големата традиција во таа смисла. Во Офицерски дом имало големи балови, во Театарот раскош и првите претстави на македонски јазик.

Заводнички поглед, раскошен шешир, со предниот дел спуштен над очите, со цигара и со мали, ретки, тенки мустаќи, какви што може да ги има само дваесетгодишник. Тоа е времето на игранките и “дамите бираат”.

Потоа дојдоа Елвис Присли и рокенролот, во 60-тите “Битлси”, и хипиците и така постепено, фраерите започнаа да се трансформираат во шизици. Се патуваше по фармерки и по цигари “марлборо” во Трст, се носеа тесни панталони, а подоцна ѕвонарки. Кон крајот на 50-тите и почетокот на 60-тите години, сепак, имаше неколку продавници и трговски простори каде што можеа да се набават модерни нешта. Во Стоковната куќа на Плоштадот, потоа во сплитска “Југопластика”, во “Коштана”, подоцна во “Рекорд” и во ексклузивната “Грација”. Во тие години, првите чаламџиски очила за сонце скопските фраери ги купуваа во продавниците на “Кармин”. Две од тие продавници се наоѓаа на денешната улица Македонија. Постои едно непишано правило. Фраерот си останува фраер во душата, без оглед на годините. Дури и ако денес го сретнете во центарот на градот на повозрасни години, нема да го препознаете. Но, тој својата фраерска филозофија ја носи длабоко во себе и не ја менува. Исто онака како што џентлменот никогаш не ги менува своите навики.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Please enter your comment!
Please enter your name here