Најголемата хероина во Мексико: Лабрадор помогна од рушевините да бидат извлечени 54 луѓе

Бројот на жртви како последица на земјотресот кој го погоди Мексико секојдневно се искачува, а деноноќно и практично без пауза, огромен број на пожарникари, војници и доброволци бараат луѓе во рушевините.

Според последните информации, најмалку 216 лица загинаа во силниот земјотрес кој што во вторникот погоди неколку мексикански држави, токму на 32-годишнината од страшниот земјотрес кој што во 1985-та година однесе 10 илјади животи.

Мексиканските власти стравуваат дека стотици луѓе се уште се заглавени под рушевините, а само во главниот град Мексико Сити деноноќно пребаруваат илјадници војници, спасувачки служби, пожарникари, волонтери и кучиња трагачи кои што се прилично успешни во пронаоѓањето на преживеаните.

Една од најголемите хероини во Мексико е лабрадорката Фрида која што досега успеала да пронајде 54 лица во рушевините во главниот мексикански град Мексико Сити.