Најубавите цитати од Библијата

loading...

Библијата е Светото Писмо на христијаните, упатено од Бога до човекот. Библијата е богата со мудрост, со насоки за правилно и богоугодно живеење, пружа утеха и надеж и сведочи за Божјата љубов кон човекот.

Денес ви претставуваме некои од најубавите библиски цитати. Се надеваме дека овие цитати ќе ве поттикнат да размислувате за Бога и да започнете да го читате Неговото Свето Писмо.

,,Господ е Пастир мој, ништо нема да ми недостасува, Он ме пасе на плодни пасишта и ме води на тихи води, ја поткрепува душата моја, ме води по патот на правдата заради името Свое.

Кога би тргнал и по долината на смртна сенка, нема да се исплашам од злото, зашто Ти си со мене; Твојот жезал и Твојата палка ме успокојуваат.

Си приготвил пред мене трпеза на очиглед на непријателите мои, си ја помазал главата моја со елеј; и чашата твоја ме напојува со блаженство.

И милоста Твоја така да ме придружува преку сите денови на мојот живот, и јас ќе престојувам во домот Господов многу дни.’’ (Псалм 22)

,,Љубовта е долготрпелива, полна со добрина, љубовта не завидува, љубовта не се превознесува, не се гордее, не прави што е непристојно, не бара свое, не се срди, не мисли зло, на неправда не се радува, а на вистина се радува, сè извинува, во сè верува, на сè се надева, сè претрпува. Љубовта никогаш не престанува.’’ (Прво послание на апостол Павле до Коринтјаните 13:4-8)

,,Зашто Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него, да не погине, но да има живот вечен.’’ (Евангелие според Јована, 3:16)

,,Надевај се на Господа од сè срце и не се потпирај врз твојот разум. По сите свои патишта размислувај за Него, и Он ќе ти ги покаже твоите патеки.’’ (Книга Мудри Соломонови изреки 3:5,6)

,, Бог ни е нам прибежиште и сила, помошник, на секој кој во мака ќе се најде.’’ (Псалм 45:1)

,, Поучи го момчето го почетокот на патот негов: тој нема да скршне од него и кога ќе остари.’’ (Книга Мудри Соломонови изреки 22:6)

,, а оние кои се надеваат на Господа, ќе ја обноват силата своја: ќе кренат крилја како орли, ќе трчаат и нема да им биде тешко, ќе одат и нема да се уморат.’’ (Книга на пророк Исаија 40:31)

,, Знаеме дека на оние што Го љубат Бога и се призвани по Негова волја, сè им врви добро’’ (Послание на апостол Павле до Римјаните 8:28)

,, А плодот на Духот е: љубовта, радоста, мирот, долготрпеливоста, добротата, милосрдноста, верата, кротоста, воздржливоста.’’ (Послание на апостол Павле до Галатјаните 5:22,23)

,, За ништо не грижете се, туку во сè преку молитва и молба со благодарност изјавувајте ги пред Бога своите барања’’ (Послание на апостол Павле до Филипјаните 4:6)

,,Блажени се бедните по дух, зашто нивно е царството небесно

Блажени се оние што плачат, оти ќе се утешат!

Блажени се кротките, зашто тие ќе ја наследат земјата!

Блажени се гладните и жедните за правда, оти тие ќе се наситат!

Блажени се милостивите, зашто тие ќе бидат помилувани!

Блажени се чистите по срце, оти тие ќе Го видат Бога!

Блажени се миротворците, зашто тие ќе се наречат синови Божји!

Блажени се гонетите заради правда, бидејќи нивно е царството небесно!

Блажени сте вие, кога ќе ве срамат и прогонат и кога ќе говорат против вас секакви лоши зборови лажно – заради Мене!’’ (Исус Христос во Евангелието според Матеј 5:3-11)