Наставник удрил дете во Желино, ученикот со скршен заб, сообраќајка во Велес, тешко повреден возач на мопед, малолетници донесле новороденче во станица

loading...

Петнаесетгодишен ученик во Основното училиште „Луиѓ Гуракуќи“ од Желино, заедно со неговиот стрико Б.И.(38), денес пријавиле дека на 13.03.2018 година околу 11:00 часот , на час по историја, со рака бил удрен од наставникот.

Според пријавителот, наставникот без причина го удрил по задниот дел од главата, од што малолетникот удрил во клупата и му се скршил еден од предните заби.

Нешто подоцна, повредениот малолетник се обратил за лекарска помош во тетовската клиничка болница, а потоа го пријавил случајот.

Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

На 13.03.2018 година во 13:00 часот во Велес, на крстосницата со кружен тек, кај фонтаната во Нова населба, се случила сообраќајна несреќа.

Патничко возило „Форд Галакси“ со велешки регистарски ознаки, управуван од М.М.(52) од с. Горно Врановци, удрило во мопед „Априлја“ со велешки регистарски ознаки, управуван од В.А.(52) од Велес.

Од здобиените повреди возачот на мопедот со возило на Итна медицинска помош бил пренесен во Општа болница Велес каде му биле констатирани тешки телесни повреди и бил задржан на понатамошно лекување.

Увид на местото на настанот извржи екипа од СВР Велес.

Две малолетни лица на возраст од 16 и 17 години завчера пред полноќ во Полициската станица Бит Пазар донеле новороденче родено на 4 март, кое не било пријавено во евиденциите на Матичната книга на родените.

Како што соопштија од МВР, лицата изјавиле дека бебето било запуштено и без грижа од родителите М.Ш. и К.Н.

– Од страна на полициски службеник бил извршен разговор со родителите, а новороденото бебе било предадено на социјален работник од Јавната установа-Меѓуопштински центар за социјална работа Скопје. По целосно расчистување и документирање на настанот, против родителите ќе биде поднесен соодветен поднесок, наведуваат од МВР.

На 14.03.2018 година во 04.23 часот во Единицата за информации и команда Скопје, З.Н. пријавил дека на паркинг на бул. „Јане Сандански“ забележал опожарено патничко возило „Сеат Алтеа“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на Р.Б. од Скопје. Од пожарот било зафатено и патничко возило „Тојота“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на правно лице од Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 13.03.2018 година околу 10.10 часот било пријавено дека во угостителски објект на булеварот „Видое Смилески-Бато“ во Скопје, М.Т. (37) бил физички нападнат од страна на две непознати лица. Тие му удриле неколку тупаници во пределот на лицето. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

На 13.03.2018 година околу 18.40 часот во аптека во „Порта Влае“ во Скопје непознат сторител извршил разбојништво. Сторителот со закана со пиштол од касата одзел неутврдена сума на пари и побегнал во непознат правец. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на случајот.

На 13.03.2018 година во 21.50 часот во СВР Куманово, Д.С. (46) од с.Тромеѓе, кумановско, пријавил дека истиот ден околу 21.00 часот во куќата на неговата баба А.С. (81) од населба Иго Тричковиќ непознат маскиран сторител извршил разбојништво. Сторителот тропнал на влезната врата, по што оштетената ја отклучила. Во тој момент, тој физички ја нападнал удирајќи ја со раце, по што и одзел паричник во кој имало 2.700 денари и лични документи. После тоа, сторителот побегнал во непознат правец. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на случајот.