NinnaRed: „Љубовта кон модата не се раѓа, секоја урбана девојка гаи да има ново парче облека, но не сакам да трчам по излозите за иста работа“

Млада, прекрасна, модерна и секогаш насмеана, Николина Славковска или девојката позната под називот NinnaRed е вистинска урбана девојка која потполно се вклопува во нашиот денешен Скопски лик на денот. Доколку сакате мода, следите Инстаграм и истата ја практикувате како животен стил, тогаш мора да сте наишле на оваа прекрасна девојка која е права скопска модна дама и зрачи од позитивна енергија. Таа е несекојдневна во секој поглед, па затоа во моментов се занимава со нешто што, за жал, сеуште е несекојдневно во нашата земја – таа е млада модна блогерка. На јавноста веќе и е позната како новинарка од естрадниот магазин Бекстејџ, но и како лице кое се појавува во неколку видео спотови на познати македонски естрадни лица, но овој пат поразговаравме малку повеќе за неа како личност, за модата во главниот град, за нејзините успеси и идни планови.

1. Што за тебе претставува Скопје и која е твојата прва помисла за него?

Место на луѓе кои мечтаат за самореализација. Чувствувам дека многумина умешно ги носат своите маски, но ретко кој од нив е подготвен да се соочи со болката по патот на остварување на соништата. Скопјани прекрасно сонуваат, воодушевуваат со креативноста и топлината во нив, но недостига доза храброст да се обои градот во весели бои. Ете затоа сме родени тука. Ние му требаме на градот, а не тој на нас.

2. Како и кога се појаву љубовта кон модата и идејата за започнување на моден блог?

Љубовта кон модата не се раѓа, сметам дека секоја урбана девојка гаи да има ново парче облека во гардероберот кое е модерно по светските модни трендови. Ги следам новостите на тоа поле, но ретко ги применувам. Веројатно не сакам да сум една од многуте што ќе трча по излозите за истите работи. Преферирам тоа што мене ми се допаѓа и одговара на мојот карактер, затоа и едноставноста се забележува на Инстаграм профилот.

3. Како е во Македонија да се биде модна блогерка со оглед на тоа дека многумина сеуште не се запознаени со тоа што всушност претставува?

Навистина сум “млада” во овие води, но оние што имаат подолго искуство знаат повеќе. Прилично е интересно. Некои трговци не се запознаени со ваквиот вид маркетинг и соработка, дури има и такви што не знаат што е Инстаграм, но за среќа можеме да соработуваме со луѓе кои се едуцирани на ова поле и се свесни за ефектот што го добиваат. На крајот од денот, се се сведува на начинот на кој го рекламираш производот. Колку си покреативен и иновативен на тоа поле, можеш повеќе да импресионираш. Тоа секако нема да се случи ако не си свој или копираш туѓ стил, зашто луѓето забележуваат. Еднаш ли ја изградиш довербата кај клиентите, оттука започнува се.

4. Знаеме дека светските ѕвезди на овој начин заработуваат милиони, каква е ситуацијата кај нас и знаат ли македонските компании да се рекламираат или да ве подржат вас како модни блогери?

Не треба нешто многу далеку оттука да гледаме, тука ни се соседните пријатели. Еден тренер по фитнес од Бугарија има преку 5 милиони следбеници на Инстаграм и е верификуван, модна блогерка од Србија скоро 1 милион исто верификувана. За заработката не сакам да коментирам. Возможно е. Само треба да си им интересен на луѓето, поразличен и свој и клик. Те следат. И онака сите се по социјалните мрежи. И онака сите скролаат. Се случува и е интересно. Зошто да нема некој таков и од Македонија? Може секој. Најди се себеси и GAME OVER!

5. Преку модниот блог имаш добиено соработки и контакти со луѓе од различни делови на свет што е од сите нив ти е најдраго и ти дава најголема мотивација за работа?

Мислев дека девојката од Јужна Африка што ме објави беше неверојатно изненадување, но се сведе на еден Италијанец. Тој ми пиша за соработка и креирање на посебен накит кој директно би сакале да го пратат тука за да ги објавувам по профилот, а за истото тоа да ми дадат процент. Интересно, зар не? Кој би рекол дека се ќе се сведе по социјалните мрежи и тоа реклама на обични ликови? Се се случува.

6. Каде се гледаш себеси за 10 години и која е онаа највисока цел која си ја имаш поставено?

Природно сум човек кој молчи, тивко работи, но прави галама кога ќе се појави. Така што, не ги откривам целите. Сакам да изненадувам. Не се задоволувам со малку и се стремам кон нешто многу поголемо од обичното гледиште.

7. Бидејки се занимаваш со нешто што кај нас се смета за ново и поразлично, и воедно не се плашиш да се изразиш себеси, каква порака би им пратила на сите оние кои сакаат да го постигнат истото тоа но немаат доволно храброт и поттик?

Немаат многу време. Не знам колку се свесни сите. Животот нема вечно да ве чека за промена. Удобна е конфорната зона. Знам, сум била таму. Но, доколку не преземете мал чекор да го промените денешниот ден, тогаш немојте утре некој друг да мразите што тоа го сторил за себе. Борете се. Нема време за утре. Времето е сега. Можностите се во ваши раце. Искреирајте ги. Најдете ги. Ширете љубов и позитива. Светот е ваш и само вас.

Доколку и на вас ви се допадна колку што ни се допадна и нам можете да ја погледнете на социјалните мрежи Инстаграм (@ninnared), на Фејсбук или на официјалниот YouTube канал ние и посакуваме многу среќа.

(Наталија Јосифоска)