Пет уметници наградени за „Мал формат 2017“ на ДЛУМ

loading...

Во Културно-информативниот центар до 20 јануари ќе биде поставена годишната изложба „Мал формат 2017“ на Друштвото на ликовните уметници на Македонија-ДЛУМ. На изложбата учествуваат 54 автори-членови на ДЛУМ од цела Македонија со повеќе од сто дела изработени во различни ликовни техники.

ДЛУМ и КИЦ и годинава ги доделија наградите на оваа републичка ликовна манифестација. Наградата за сликарство му е доделена на Драган Ветровски-Алпи, Агрон Абдули ја доби наградата за графика, наградата „Константин Мазев-Коце“ и е доделена на Силвана Атанасовска, „Вангел Коџоман“ на Жаклина Глигориевска-Кочоска и наградата „Адем Кастрати“ на уметникот Бурхан Ахмети.

Жаклина Глигориевска-Кочоска, добитничка на наградата „Вангел Коџоман“, изјави дека со создавањето уметност се одвоила од, како што вели, суетноста на животот и ја добила достоинственоста на слободата.

– Но и одговорноста да создавам дела кои во себе ја носат содржината на времето и настаните во кои живееме… Си дозволивме на уметноста да гледаме како на безодговорна забава, невина разонода а, всушност, целиот тој механизам без дух се претвори во култура на површност и баналности – смета Глигориевска-Кочоска, која е професорка во средното уметничко училиште во Скопје.

Оваа годишна изложба е посветена на малиот формат кој, според ДЛУМ, е творечки предизвик и честа дневна практика на сликарите и скулпторите во ситната пластика.

„Магијата на малиот квадрат во површина 25х25 сѐ уште претставува искушение и за најголемите мајстори на четката и бојата. Гледајќи низ историјата – Пикасо, Дали, Матис, Лотрек, Ван Гог, Гоген, сликари од сите школи и правци, го чувствувале внатрешниот порив да го совладаат малиот квадрат, и на концизен, лапидарен, понекогаш метафоричен и езоповски начин да го транспонираат собитието и мотивот од големото платно во помалата мерка“, наведува ДЛУМ, организатор на оваа годишна изложба.