„По потекло сум од Македонија, сега ќе пејам за Словенија, а од утре – за успех на двете!“

Словенечките љубители на ракометот се хит број еден моментално во Загреб. Дефинитивно, ќе бидат најбројни, а сосема случајно налетавме на човек кој е роден во земјата на „змајчките“, но има потекло од Македонија.

Додека шетавме околу „Арена“ непосредно пред првиот натпревар на ЕП во нашата група, наидовме на словенечка група на фанови кои се подготвуваа за натпреварите. Меѓу нив беше и Дејан Мирчовски (на фотографијата најдесно), голем љубител на ракометот, но и спортски работник. Доаѓа од Љубљана и вели дека ужива што првата фаза од ЕП е близу неговата земја, на нешто повеќе од 100 километри.

„Нам ни е навистина одлично што е блиску првенството. Ќе може да уживаме во ракометни натпревари цел месец“, го започна разговорот Дејан.

Очекувањата за натпреварот со Словенија се интересни. Вели дека иако е по потекло од Македонија, поточно од Велес, тој вечерва ќе навива за Словенците затоа што таму му е се, но од утре – ќе пее за двете репрезентации.

„Очекуваме дека на вечерашниот дуел ќе победи Словенија. Сакаме добар натпревар. По потекло сум од Велес, но роден сум во Словенија, се ми е таму, така што денес ќе навивам за нив. Но, од утре ќе бидам и за двете. Сакам Македонија да оди понатаму исто така“, вели тој.

Неговото мислење за Веселин Вујовиќ, стратегот на Словенија кој е екс-работник во редовите на Вардар е високо.

„Вујо како играч е легенда. Како тренер исто така е добар, но верувам дека може уште многу подобро“, дециден е Дејан.

Очекувањата за ова ЕП се Словенија заедно со Македонија да го минат најмалку првиот круг.

„Желбата за ова првенство ми е Словенија да го мине првиот круг, а потоа ќе видиме. Што се однесува до Македонија, имате квалитетен состав, исто така мислам дека треба да се мине таа прва фаза“

Македонците се во ракометна еуфорија, поготово по успехот на Вардар во Лигата на шампионите. Се очекува успех на Раул Гонзалез и со репрезентацијата, но Дејан вели дека не треба да се прави притисок затоа што се работи за различни колективи.

„Вардар е одличен клуб и успехот што го направи е голем, но таму играат премногу странци, а премалку Македонци. Разликата е голема, нивниот успех нема да направи никаква разлика на двете страни“, заврши тој.

На крајот од разговорот, Дејан ни откри дека е и ракометен работник и дека работи како тренер во младинските категории на Урбанскејп Лока од Словенија. По кратката дискусија, тој со неговото семејство се упати во „Арена“, каде најпрво ќе го проследат дуелот меѓу Црна Гора и Германија, а потоа ќе следи за нив главната „фешта“ и балканското дерби.

Извор: Гол.мк