Потсетување на старо Скопје низ музика, изложба и роман

Низа културни настани денеска и утре ќе се одржат по повод 26 јули, денот кога пред 54 години Скопје ги доживеа најтешките моменти во својата историја и постоење. Под мотото „Скопје го слави животот“, градот Скопје и Музејот на град Скопје утре ќе го одбележат датумот во чест на подадената рака од целиот свет, како и на оние кои го загубија својот живот во трагичниот земјотрес.

Во 21 часот, на плоштадот „Македонија“ ќе биде организиран пригоден музички настан на кој ќе настапи големиот оркестар на МРТВ. Свој придонес во чествувањето ќе дадат и актерот Висар Вишка, детскиот хор „Фалсето“, саксофонистот Васко Атанасовски и нашиот гитарски виртуоз Влатко Стефановски. Свој дел ќе има и скопскиот хроничар Данило Коцевски, а водителка на настанот ќе биде Ирена Спировска. Скопјани, како и сите добронамерници ќе имаат можност да слушнат голем број македонски композиции што низ децениите се пееле и се свиреле во Скопје или кои асоцираат на Скопје.

– Ова чествување ќе нѐ потсети дека треба да го славиме животот и секако за хуманата димензија на човештвото. Град Скопје ги поканува сите жители на градот да се придружат на овие настани и заедно уште еднаш да се потсетиме на овој значаен датум и заеднички да го славиме животот – порачуваат организаторите.

Во Музејот на град Скопје, утревечер во 20 часот ќе биде отворена изложбата насловена „АрхиТРАНСформа“ од авторите Јасминка Намичева и Екатерина Намичева, на која преку презентирани архивски документи, фотографии и реконструкции на градбите е направен преглед на училишните објекти во Скопје, изградени во периодот помеѓу двете светски војни.

– Презентирањето на теми преку кои се рехабилитираат/реконструираат мемориски матрици што граѓаните на Скопје ги носат во себе веќе 54 години, секогаш претставува огромна одговорност и кон живите и кон починатите граѓани на овој град. Старата железничка станица во која е сместен од 1971 година до денес Музејот на град Скопје, како објект е симбол на земјотресно Скопје, но истовремено е институција што ја има честа повеќе од 40 години да ја чува и негува меморијата за овој град, пред и по катастрофата што му се случи. Затоа секогаш со многу внимателен и студиозен приод откинуваме по некое „скопско ќоше“ од пазувите на историјата за да тагуваме по него, но и да му се радуваме заедно – велат од Музеј на град Скопје.

Авторите на изложбата сметаат дека архитектонските примери изградени безмалку пред столетие би било корисно уште еднаш да бидат анализирани како искуства во кои вешто биле вградени некои претходни градителски традиции, но притоа имајќи силно чувство за современиот момент и за печатот кој тие градби задолжително треба да го носат.

Утре се одбележуваат 54 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје

По повод одбележувањето на 54-годишнината од скопскиот катастрофален земјотрес, во рамките на манифестацијата „МКЦ за Скопје“, пак, вечерва со почеток во 20 часот, во киното „Фросина“ ќе биде одржана книжевната вечер „Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот“. Станува збор за сага за првата македонска поетеса Даница Ручигај, која го загуби својот живот во земјотресот. Ќе бидат промовирани книгите „Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот“ и „Ако влегуваш во овој храм во кој љубовта е вера, помоли се!“ на новинарите на Македонското радио – Радио Скопје и публицистите Искра Чоловиќ и Свето Стаменов.

– Со овие две книги се заокружува мултимедијалниот проект посветен на Даница, кој започна со специјалната радиоемисија „Ако влегуваш во овој храм во кој љубовта е вера, помоли се!“, што беше емитувана во пет едночасовни продолженија. Овие книги се своевиден претоп на жанрот радиоемисија во книга коментари, сведоштва, критики, есеи и поезија на поетесата што остави длабоки и неизбришливи траги не само во современата македонска поезија туку и во македонската култура воопшто – велат од МКЦ.

Промотори на книгите се Васил Тоциновски и Александар Прокопиев. За музичкиот дел се задолжени Александар Прокопиев, Сашо Гигов-Гиш и Јаков Дренковски. Ќе бидат прикажани и документарните филмови посветени на Даница Ручигај: „Поетот живее и по смртта“ (1993 г.) и „Соновите не заспиваат“ (2016 г.) на новинарите на МРТ, Соња Драгољуб-Гиздавиќ и Катица Трајковска-Абјаниќ.

Во рамките на „Скопско лето“, пак, во Музејот на град Скопје вечерва, со почеток во 20 часот ќе се одржи промоција на романот на Владимир Плавевски, „Земјотрес, 5:17“, кој неодамна го објави „Македоника литера“, а кој е тематски врзан за земјотресната катаклизма на Скопје на 26 јули 1963 година. За романот ќе зборува Данило Коцевски, литературен критичар и хроничар на Скопје, а извадоци ќе чита Снежана Конеска-Руси.

Плавевски во романот раскажува драматична приказна, а сугестивно и сликовито ги опишува катастрофата, животните премрежиња и страдањата на скопјани во земјотресот. Приказната се потпира врз многу веродостојни факти и документи, при што авторот преку опишаните настани преточени во уметничка проза врши уверлива реконструкција на настани пред и по земјотресот. Романот е посветен на трагични теми од историјата на градот, но во сите тие мачни, мрачни и тегобни сцени, слики и епизоди најдолго се провлекува една љубовна приказна. Токму таа приказна е нишката која ги поврзува сите епизоди на ова дело.

Извор: Нова Македонија

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Please enter your comment!
Please enter your name here