Премиера на „Кец на десетка“ во МНТ

Вечерва, од 19 часот, на малата сцена на Македонскиот народен театар премиерно ќе биде изведена комедијата „Кец на десетка“ по текст на Митко Бојаџиски, а во колективна режија. Во претставата играат Александар Миќиќ, Тања Кочовска, Нина Деан и Ивица Димитријевиќ.

В.д. директорот на МНТ, Драган Спасов-Дац на прес-конференцијата по повод новата премиера истакнал дека режијата е колективна бидејќи сите актери биле вклучени во создавањето на претставата, а авторот Бојаџиски, пак, посочил дека се работи за фамилијарна приказна која сакал да ја претстави комично.

Сценограф на „Кец на десетка“ е Татјана Блажевска-Христоска, костимограф Ивана Каранфиловска-Уруговска, а за потребите на претставата е преработена песната „Оnly you“ на „Yazoo“. Текстот, аранжманот и продукцијата на насловната нумера „Кец на десетка“ е на Александар Митевски, а неа ја изведува актерската екипа.