СКОПЈЕ 1943: Приказната за скопското семејство што ја спаси младата Еврејка Тити

Средбите често почнуваат со солзи, радост и тага, како што завршуваат разделбите. Таква беше и разделбата во март 1943 во Скопје, кога беа депортирани македонските Евреи, но и средбата во 1984-тата, кога во Скопје повторно стапна Вијен Винити Бехар-Езури – Еврејката која беше спасена од нацистички логор и сигурна смрт единствено благодарение на храброста на скопското семејство Тодоровски.

Овој пат таа беше зрела жена со сефардска (шпанско-еврејска) убавина, црна коса и темни очи, сега засенети со некоја дамнешна вознемиреност. Некогаш, таа беше само ковчесто девојче кое имаше обичај да дрдори на шпански, јазикот на скопските Евреи-Сефарди. Ја викаа Тити.

Нејзината приказна е една од оние исклучителните што се изродија во поробена Европа, во време на грозоморните Хитлерови прогони на Евреите. Нејзината приказна е сведоштво за љубов, човечност и солидарност, за среќа – непобедени. Ја раскажаа Блага и Александар Тодоровски – семејството што ја спаси Тити, во април 1984, за српскиот Bazar.

„Нашите две семејства живееја во голема слога и љубов. Ние немавме деца, а нашите пријатели Арон и Ребека Бехар имаа четиригодишна ќерка – Вијен Винити, која ние од милост ја завикавме Тити. Оттогаш никој не ја нарекуваше поинаку…“

Во очи на злокобниот 11 март 1943, Тити била кај нив дома. Низ градот веќе кружела страшна приказна дека следниот ден ќе бидат одведени сите скопски Евреи. Наспроти сета опасност, Блага и Александар одлучиле да го задржат малото девојче, да не ја дадат на Германците. Истата вечер ја однеле кај родителите за да се поздрават и збогуваат.

Тодоровски низ плач ја раскажа средбата:

„Тој момент никогаш нема да се избрише од моите сеќавања. Арон се имаше потсобрано и напишал белешка во која пишуваше дека ни ја остава својата ќерка на чување додека не се вратат: Ја земавме белешката и детето и низ солзи се разделивме“.

Тити тогаш била премногу мала за да сфати што се случува. Подоцна нема да може да се сети на ликот на мајка си и татко си.

ПРОГОНИ

Следното утро, во Скопје е извршена општа блокада. Пилињата се плашеа да прелетаат. Заедно со сите Евреи, беа одведени и родителите на Тити. Тие од Скопје и околината беа сместени во зградата на Монопол, чувани под силна стража, сé до денот кога беа одведени во логорите на смртта.

Тие денови, Блага Тодоровска, сакајќи да дознае што се случило со Арон и Ребека, се упатила кон улицата која поминувала покрај зградата на Монопол. На самиот почеток ја пречекале стражари на коњи:

„Брзо се снајдов и им раскажав дека имав куќна помошничка, дека од куќата ми ги украла сите пари и драгоцености и дека сега ја барам кај некоја баба која живее на крајот на улицата. Стражарите ми поверуваа, бидејќи за таа прилика се облеков богато, во крзно, ставив накит и шешир… Така, раскажувајќи ја истата лага, успевав да се провлечам сé подлабоко низ густиот кордон стражари…“

Двориштето на Монопол беше оградено со дрвени тараби низ кои Евреите постојано ѕиркаа и молеа да им се каже барем нешто за нивната понатамошна судбина. Блага успеала на еден од нив да му го соопшти името што го бара. И ете ја – Ребека Бехар.

„’Како е Тити?’ – тивко, но избезумено ме праша жената. ‘Добро е, не грижи се’, одговорив и јас низ плач“, раскажува Блага. Тоа е и крајот на нивната последна средба.

Наскоро сите македонски Евреи беа одведени во конц-логорите и погубени во гасни комори. Се разбира, малата Тити не знаеше ништо за тоа и релативно безбедно живееше во семејството Тодоровски. Ама злото никогаш не мирува.

Присуството на Тити им станало сомнително на соседите. Некој поткажувач ја известил полицијата дека во куќата се крие еврејско дете. Почнале претреси и испрашувања – набрзо на вратата затропал агент на фашистичката полиција.

Отпрвин се збуниле и преплашиле, но Блага брзо се соземала и присебно ја зграбила Тити, вовлекувајќи ја со себе под креветот. Тити, кутрата, мислела дека се работи за некаква игра, па гласно се смеела, радувајќи се. Сепак, Блага успеала да ја смири, а и среќата ги послужила, па агентот не ги открил.

Соседиве имале и други теории: дека Тити е вонбрачно дете на Блага, бидејќи со сопругот деца немала. Тодоровски не биле засегнати од таквите гласини, најважно им било да го заштитат девојчето. Но ете, озборувањата привлекувале сé повеќе полициско внимание, па детето морале да го преместат во село Маџари, кај мајката на Блага. Набрзо и ова скривалиште станало небезбедно, па девојчето го префрлиле во село Драчево. Таква била судбината на Тити – сé до ослободувањето на Југославија, морала да биде преместувана од куќа во куќа.

„По војната, мојот сопруг и јас ги прегледавме списоците на погубените Евреи и најдовме дека Арон и Ребека настрадале во логорот Треблинка. Со жалост сфативме дека Тити веќе нема родители, дека сега тоа сме ние двајца“, се сеќава Блага како да било вчера. „А Тити растеше, беше убаво и здраво дете, а ние не се осудувавме да и го нарушиме детството и да и ја соопштиме вистината. Постојано го одложувавме“.

ВИСТИНАТА

Разбирливо. Семејството Тодоровски ја обожавало Тити. По ослободувањето се преселиле во Риека, а девојчето растело под име Тити Тодоровска.

…И како што тоа често се случува во семејствата со посвоени деца, подоцна Тодоровски добиваат син – Сергеј. Тити добива брат.

Од друга страна, тајната веќе немала намера да се крие: животот им донел неочекуван расплет.

Црнокосата темноока Тити, еден ден, листајќи низ стариот семеен кувар, ја пронашла белешката напишана девет години порано, во времето на депортацијата, од нејзиниот татко Арон Бехар.

„Никому ништо не зборував за тоа, ама ја земав белешката и ја однесов во Еврејската општина. Сакав да бидам начисто со себе“, раскажува Вијен Винити во 1984. „Така дознав сé. Од Еврејската општина ме упатија во Израел и така таму продолжив со школувањето и дораснав во еден кибуц.“

Сознанието за вистинското потекло создало некој вид на долг кон вистинските родители, веројатно тоа влијаело Тити да замине во Израел. Ама:

„Тогаш, кога ги напуштав своите ‘втори’ родители, ја почувствував болката што, така мала, некогаш, не ја почувствував при разделбата со моите мајка и татко“, раскажува Вијен.

Вијен Винити Бехар-Езури, во младоста се бавеше со манекенство, а потоа се омажи и целосно се посвети на Менаш Езури (сопственик на една приватна туристичка агенција) и на нивните ќерка Шарон и синот Дорон.

Тодоровски беа поканети на секоја голема семејна прослава во Израел – на свадбата, на породувањето… Вијен го посетуваше Скопје кога можеше (на сликата најгоре се тие тројца, при посетата во 1984 година.), особено на денот на комеморација на еврејските жртви од 11 март.

Прогоните и несреќата што ги прогонуваа Благица, Александар и Тити нема да бидат заборавени, ама нема ни љубовта, храброста и човечноста на оваа нивна животна приказна.