Проституцијата не била забранета – еротика на скопски начин

Минатата недела се одржа традиционалната парада за заштита и унапредување на правата на сeксуалните работнички. Тие изведоа и перформанс – „Улица на црвените фенери“ по угледот на Амстердам. За волја на вистината, во Скопје многу поодамна постоела улица на црвените фенери, а доказ за тоа е и објектот „Фенерли-ан“, кој денес постои во чаршијата. Тој бил сврталиште на дамите на ноќта и не случајно се нарекувал „фенерли-ан“.

Проституцијата во Скопје била легализирана. Тогаш сѐ уште не се користел терминот сексуални работнички, но фреквентен бил терминот што перманентно се употребува и денес – „дамите на ноќта“. Јавни куќи постоеле низ целиот град, ги имало речиси во секое маало. Дамите на ноќта имале здравствена заштита и специјален лекар што еднаш месечно ги водел на преглед во Државна болница. Се разбира, не пеш туку со пајтони.

Газдарица на еден скопски бордел во 1930-тите години

Малку се знае дека освен „Фенерли-ан“ што го спомнавме во чаршијата, денес е сочуван уште еден објект на познат скопски бордел од тоа време, наречен „Три вили“. Објектот сѐ уште постои на улицата Ѓуро Ѓоновиќ во Маџир Маало. Своевремено, најстарите маџирмаалци ми раскажуваа дека газдарица на борделот пред војната била некоја „маркантно полничка“, и енергична средовечна жена. Клиенти биле главно воените лица – пилоти од блискиот Аеродром. Во централното подрачје на градот се наоѓале борделите „Шангај“, „Венеција“, „Марс“, „Босфор“, „Босна“, „Америка“, а во чаршијата освен „Фенерли-ан“, познати биле и „Јанчев-ан“, „Маврово“, „Бела кафеана“. Интересен е податокот, што се однесува на некои од дамите на ноќта во Скопје, на кој начин тие сакале да ги привлечат клиентите. Имено, повеќе станувало збор за еротски „црвени прозорци“ отколку за „црвени фенери“.

Познати ноќни дами од пред војната, Олга и Маргарита

Дамите од борделот разголени се покажувале на прозорците, а не во излози како денес. Особено во помалите бордели околу Зеленото пазарче. Тие стоеле разголени на отворените прозорски крила, привлекувајќи го општото внимание на минувачите. Во ноќните часови, од зад прозорците на борделите допирала црвена, романтична светлина. Но дамите на ноќта, сепак, повеќе го сакале денот за поубаво да ја покажат својата привлечност. Нивни клиенти биле главно вработените во Монополот. Но и во тој меѓувоен период, како и во секое друго време, постоела и елитна проституција, која поинаку функционирала. Кои биле нејзините карактеристики и по што се издвојувала таа? Најпрвин, да видиме каква била атмосферата на тогашното ноќно Скопје според записите.

Скопје имало црвени фенери – Фенерли-ан во Старата чаршија

„Ноќе, Скопје замирисува на велеград. Во тие мигови излегуваат ноќните работници. Во смокинзите, нови или излитени, кријат ками и пиштоли. Подземјето на градот се буди додека другите спијат. Неколку стотини жени во тие мигови ги облекуваат најубавите здолништа. Со пудра и кармин си ги мачкаат восочните лица, а во устата си прскаат колонска вода. Евтината пудра и механичката насмевка ги чини жените на ноќта заводливи“.
Богатите господа, елитните ноќни дами ги земале од елитните бордели, и со пајтони ги носеле во елитните скопски хотели. Тоа била една од главните шеми. Една од најпознатите скопски боемски кафеани во тоа време, но истовремено и бордел, била кафеаната „Океан“. Таа се наоѓала во близината на поранешната Мала станица, не толку далеку од зградата на НИП „Нова Македонија“. Во врска со оваа кафеана и бордел се случил еден скандал за кој раскажувало цело Скопје, секојдневно пишувал печатот, а се вмешала и полицијата. За што всушност станувало збор?

Повеќе прочитајте на Нова Македонија