Првите автомобили во Скопје биле донесени во 1911 година

Иако се јавил нешто подоцна, автомобилскиот сообраќај во Скопје доживеал незапирлив развој.

Автомобилите биле најретки бидејќи подоцна се вклучиле во сообраќај. Првите автомобили “Рено” и “Форд” во Скопје биле донесени во 1911 година. Цивилните власти во Скопје се заложиле за користење на извесен број возила што биле употребувани на Солунскиот фронт. Во 1920 година Одборот на Скопската општина донел одлука за наплата на такса за секој автомобил по 50 динари месечно.

Први сопственици на автомобили во Скопје биле индустријалци, трговци и лекари.

Со зголемувањето на бројот на автомобилите во Скопје, неопходно било отворање на бензински пумпи. Во 1927 година на плоштадот била отворена бензинската пумпа “Shell”. Покрај оваа имало уште една пумпа на”Shell”, а две пумпи во Старата чаршија кои биле  сопственост на фамилијата Петрови, имале лиценцно право на Standard Oil Company. Пумпите биле рачни, а во визбите имале резервоари од каде што се црпел бензинот

Од пумпите најчесто се точел бензин во шишиња од 5 литри или во канти, а можело и со инка директно да се точи во автомобил. Еден литар бензин чинел 7,5 динари. Михо Петров, еден од сопствениците на бензинска пумпа, памети дека најчести муштерии биле автотаксистите кои стоеле на станицата кај денешна ДТЦ “Мавровка” и најголем број од нив биле Турци.  Таксито во Скопје датира од 1924 година. Покрај горенаведената станица, таксистите стоеле и на плоштадот “Крал Петар”, на улицата кај Кејот “13 Октомври” и кај Споменикот на паднатите борци. Прв таксист во Скопје бил Ѓорѓи Поповиќ. И автотаксистите работеле во две смени – дневна и ноќна. Цените  за такси-услугите биле нешто повисоки од оние на пајтонџиите. Меѓуградските такси-возила стоеле на Бит-пазар, а ноќе во гаража. Цената на возење на меѓуградски релации изнесувала 80 динари за 1 час возење. Според правилата за јавен сообраќај што ги одредила Управата на Полицијата, автотаксистите во периодот кога не работеле, ги оставале колите на одредени станици, потоа не смееле да примаат повеќе од еден патник до шоферот, на предното стакло морало со црвено да се испише TAXI, а под тоа да се означи бројот на патници, не смеело да се превезуваат животни или болен човек со други патници. Шоферите морале да бидат пристојни, да не пцујат, пушат, пијат или да се караат. Најстрого било забрането возење на автомобили низ град побрзо од 10 км на час, а возачите требале со труба да свирнат кога преминувале од една на друга улица, кога доаѓале на раскрсница или преоѓале преку мост, за жандармите и минувачите да знаат во кој правец се движат автомобилите. Ако оделе напред-свирнувале еднаш, лево-трипати и десно-двапати. Оние кои не се придружувале кон овие правила биле казнувани со 150 динари казна или 20 дена затвор.

Во Скопје, пред 1930 година, биле воведени сообраќајни знаци, а во 1929 година се започнало со калдрмисување на некои улици со ситни коцки. Најнапред биле калдрмисани со ситна базалтна коцка оние улици во центарот кои воделе до плоштадот, со што овој дел од градот станал попристапен.

Сето ова придонело за осовременување на автомобилскиот сообраќај. Според податоци од 1932 година, во Скопје имало 96 автомобили кои можеле да се купат во салоните за автомобили на брака Поповиќ, Асео Сабатаи и на Ментеш Колономос.

Во 1936 год. била отворена првата сервисна гаража на Браќата Поповиќ.

За разлика од големиот број  автомобили, во Скопје имало драстично помалку мотоцикли. Првиот мотоцикл во Скопје се појавил во 1925 година (се смета дека прв мотор во градот имал Љубо Црвенков кој го добил од Америка како подарок од сопругата Гизела), а мотоцикли можеле да се набават во автосалоните во Скопје и Битола.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Please enter your comment!
Please enter your name here