Пуштени во употреба подземните контејнери во општина Гази Баба

Во населбата Триангла во општина Гази Баба денеска беа пуштени во употреба системи со три подземни контејнери со зафатнина на секој контејнер од 3 кубни метри, од кои два за мешовит отпад од домаќинството и по еден контејнер за ПВЦ амбалажа.

На пуштањето на подземните системи присуствуваа градоначалниците на Град Скопје и општина Гази Баба, Коце Трајановски и Тони Трајковски.

– Градот Скопје, ЈП „Комунална хигиена“ и oпштините во градот Скопје продолжуваат со проектот поставување системи со подземни контејнери, кој почна во 2013 година. Празнењето на подземните контејнери е на хидрауличен погон, за што ќе се употребуваат постојните возила на ЈП „Комунална хигиена“, коишто се специјално надградени за оваа намена. Исто така, и за тековнава 2017 година се обезбедени средства за уште 15 инсталации, во пет општини со по три инсталации, појасни Трајановски.

Вкупната инвестицијата на овој проект изнесува 6,6 милиони денари и во неа подеднакво по 2,2 милиони денари учествуваат Градот Скопје, ЈП„Комунална хигиена“ и Општина Гази Баба, а по толку ќе вложуваат и општините во коишто ќе се поставуваат овие системи за подземни контејнери.