Се одложува долгоочекуваната премиера на „Војна на ѕвездите“

Премиерата на деветтата епизода на „Војна на ѕвездите“ во САД ќе биде на 20 декември 2019 година, соопштија од „Дизни“, кои ги поседуваат правата за светски познатиот серијал.

На овој начин, компанијата го одложи пуштањето на филмот за повеќе од половина година. Претходно беше објавено дека филмот ќе биде готов до мај 2019 година.

Според „Холивуд Рипортер“, ова може да биде поврзано со промената на режисерот на филмот.

Минатата недела стана познато дека од проектот се повлекува режисерот и сценарист Колин Тревороу, кој требаше да ја прави деветтата епизода, а оваа недела од „Дизни“ соопштија дека филмот ќе биде во режија на Американецот Џеј Џеј Абрамс, кој работеше на „Војна на ѕвездите: Моќта се буди“.