Се собира кабаст отпад во Гази Баба

loading...

ЈП „Комунална хигиена“ денеска и утре ќе организира акција за собирање на кабаст отпад во Општината Гази Баба. Како што информираат од претпријатието, граѓаните што сакаат да се ослободат од стариот мебел и од непотребните електрични и електронски апарати треба да ги одложат пред своите домови во периодот од 07 до 09.30 часот, по што специјалните комунални возила ќе поминат и ќе ги подигнат според однапред изготвениот распоред по месни заедници.

– Со специјалните комунални возила наменети за собирање кабаст отпад, ЈП „Комунална хигиена“ бесплатно го собира овој вид отпад во рамките на организирани акции што се одвиваат четири пати во годината, во координација со Градот Скопје и со општините, а во моментов е во тек првиот циклус на акциите за 2017 година – информираат од ЈП „Комунална Хигиена“.

Законот за јавна чистота на РМ забранува кабастиот отпад да се одлага во садовите за отпад поставени на јавни површини, а ЈП „Комунална хигиена“ -Скопје, на граѓаните им нуди можност овој тип отпад со сопствен превоз бесплатно да го одложат во Центарот за селекција на отпадот во Карпош. Доколку имаат потреба тоа да се изврши со специјалните возила на претпријатието, услугата може да ја побараат на бесплатната телефонска линија – 080022233, а истата се наплатува согласно Ценовникот на дополнителни активности и услуги на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, усвоен од Советот на Градот Скопје на 27.10.2015 г.

Во рамките на овој циклус од акциите за собирање кабаст отпад во скопските општини, на трети и на четврти ноември 2017 година ќе биде организирана акција во општините Бутел и Шуто Оризари.