Се за старата скопска чаршија и изгледот на дуќаните во неа низ историјата

Зборот чаршија потекнува од турскиот израз чарши т.е од персискиот, што означува крстопат или плоштад со приоди од сите четири страни.

Скопската чаршија претставува посебен, многу значаен и интересен комплекс од турско-градска архитектура. И покрај тоа што во голема мерка го изменила својот изглед, таа е сочувана и денес. Скопската чаршија е од типот на ориентално-балканските чаршии и спаѓа во една од најголемите во Македонија.

Во Скопје, град кој се развивал според ориенталните урбанистички принципи карактеристични се две посебни зони: првата зона ја сочинува чаршијата како средиште на занаетите, трговијата и сообраќајот, а втората зона ја сочинуваат маалата како станбени квартови. Чаршијата се развила во центарот на градот каде што се соединуваат патиштата од сите страни, а пак маалата се развиле на посебен простор подалеку од чаршиската врева каде што се подигале куќи за живеење, затворени кон улицата со пространи бавчи и богат внатрешен амбиент.

За чаршијата биле важни и придружните објекти како што биле Безистенот, џамиите, ановите, караван-сараите, амамите, медресите и други објекти кои имале општ или религиозен карактер.

Чаршијата се формирала од дуќани со лесна конструкција и била создадена околу цврсто изградениот безистен. Имено, најстарото јадро на чаршијата било тука.

Во периодот помеѓу двете светски војни, како и порано, чаршијата била трговско-занаетчиски дел на градот. Таа го опфаќала исклучиво стопанскиот дел на дуќани и други јавни објекти, во прв ред анови и караван-сараи како патнички свратилишта.

Како главни објекти во чаршијата, дуќаните биле поставени од двете страни на улиците. Тие биле со мали димензии, изградени од провизорен материјал со едноставни конструкции. Чаршиските улици имале карактеристичен изглед поради тоа што дуќаните се граделе еден до друг, на еднаква висина како да се под еден покрив.

Старите скопјани дел од чаршијата ја викале покриена (капали) чаршија. До 1934 год., два дела од чаршијата биле покриени според османлиски трговски терк. Сите калдрмисани улички низ чаршијата биле покриени со ќерпички сводови или ламарина, а се осветлувале со карбитни светилки. Во чаршијата се влегувало од три влеза. Првиот влез бил од Даут-пашиниот амам каде што доминирал дуќанот на Теохар и Пане, “Европа”, вториот влез бил кај денешното кино “Напредок” и третиот каде што денес се наоѓа стоковната куќа “Илинден”. Во 1935 год. градоначалникот на Скопје, Јосиф Михаиловиќ, ја открил чаршијата и биле тргнати сите ќепенци со кои дотогаш таа била покриена.

Чаршијата секогаш претставувала значаен градски локалитет со калдрмисани тесни и кривулести улички, со чешми, шадрвани, со голем број придружни објекти.

Чаршијата како главно јадро на градот  со него  се развивала и стагнирала менувајќи  го името од Безистен, Покриена чаршија, Турска чаршија, до денес – Стара чаршија.

  • ИЗГЛЕД НА ДУЌАНИТЕ

 

Речиси сите дуќани биле отворени кон улицата. Подот бил подигнат над нивото на улицата. Доколку дуќанот немал визба, под подот имало празнина слична на трап која се нарекувала чумурлак. Дуќаните се затворале со ќепенци. Долгиот ќепенец на прозорците се спуштал со конзоли кои  претставувале продолжение на гредите кои го држеле подот, а се потпирал на вертикално поставени столбови. Горните капаци се кревале кон стреата за која се закачувале со железна кука прицврстена на роговите на покривот. Дуќанот се затворал со вовлекување на попречната греда во специјално за тоа направени железни лежишта. Површината на дуќаните била различна, а се движела од 4 до 8 м2 која можела да биде и поголема, а ретко помала. Висината на дуќаните во една улица била иста и се движела до 3 м, а покривот изгледал како да покрива една зграда.

Според типот на работа, дуќаните можеле одзади да имаат и по уште една просторија (казанџии, мумџии, ковачи и др.) Трговските дуќани одзади имале магацин , а покрај приземјето и просторија на кат. Магацините биле градени од солиден материјал со железни врати и прозорци. Во некои дуќани, горе имало и просторија која служела како работилница до која се искачувало по многу стрмни скали.

Посебен тип на дуќани биле берберниците, налбатите, ахчилниците и фурнаџиите, со тоа што во средината имале врата, а од страните прозорци.

Занаетчиите работеле пред минувачите во своите мали дуќанчиња, седејќи со скрстени нозе на ќепенец или на рогозина.

Работното време во чаршијата  било 12 часа. Оние занаетчии чија работа била поврзана со годишните времиња (ќурчии, кожувари), во работната сезона работеле од 16 до 18 часа. Некои занаетчии незавршената работа ја носеле дома  да ја довршат (абаџии, чизмаџии, папуџии и др.).

Во текот на ноќта чаршијата ја чувале чувари – пасванџии. Нив месечно ги плаќале занаетчиите и трговците – сопственици на  дуќаните.