Семејна драма во Македонија: По расправија го расекла сопругот со нож во глава

Кривична пријава поднесе полицијата против Х.М.(41) од село Радолишта за сторено кривично дело „Загрозување со опасно орудие при тепачка или караница“.

На 07.02.2018 година во село Радолишта во домот на Ј.Х. (70), при караница помеѓу пријавената и нејзиниот сопруг, којшто е син на Ј.Х., истата по упатени закани физички го нападнала Ј.Х., и со нож го расекла во пределот на главата и челото, информираат од полицијата.

Нелегално организирале игри на среќа

На 13.02.2018 година во периодот од 21.00 до 23.00 часот, по претходно добиени сознанија дека на нелегален начин се организираат игри на среќа, полициски службеници од Секторот за внатрешни работи Тетово, извршиле увид во интернет кафе во село Милетино, тетовско, сопственост на Д.Ј.(51) од истото село.

Притоа, во локалот биле пронајдени и со потврда биле одземени три покер апарати на кои нелегално се приредувале игри на среќа. По документирање на случајот, ќе биде поднесен соодветен поднесок.

Предизвикал пожар во куќата каде бил под кирија

Сектор за внатрешни работи Охрид поднесе кривична пријава против С.К.(63) од Охрид за сторенo кривично дело ,,Предизвикување општа опасност”. На 02.02.2018 година во Охрид во куќата каде пријавениот престојувал под кирија, истиот поради невешто користење на електричниот шпорет, предизвикал пожар, што ги зафатил предметите од покуќнината и покривот.

Кривична пријава за две лица поради фалсификување исправи

Регионалниот центар за гранични работи Југ поднесе кривична пријава против Е.А.(26) од Скопје за сторено кривично дело „Фалсификување исправа“. На 20.01.2018 година во 10,45 часот на Граничен премин „Богородица“, на излез од Р. Македонија, при пасошка контрола, од страна на полициски службеници, пријавениот приложил на увид фалсификувана италијанска возачка дозвола на негово име.

Регионалниот центар за гранични работи Север поднесе кривична пријава против М.Џ..(45) од Р.Албанија за сторено кривично дело „Фалсификување исправа“. На 07.02.2018 година околу 23,10 часот на Граничен премин “Табановце”, на излез од Р.Македонија, при пасошка контрола, од страна на полициски службеници, пријавениот приложил на увид фалсификувана патна исправа. Од страна на надлежен суд на пријавениот му е изречена мерка протерување на странец од земјата во траење од пет години.