Оружје и муниција пронајдени во автомобил пред „Сити Мол“,претепана и ограбена девојка за новогодишната ноќ, украден автомобил

Во средата околу 21,50 часот полициски службеници од ПС Карпош во содејство со припадници на единицата „Алфа“ при контрола на патничко возило „форд фокус“ со прилепски регистарски таблички паркирано во близина на ТЦ „Сити Мол“ откриле и заплениле одредено количество оружје и муниција.

Имено при прегледот на возилото, пронајдени се: еден пиштол марка “Умарех“ 4.5мм 177; еден пиштол марка “Берета“ 4.5мм, еден пиштол марка “Екол Алп“ кал.9.мм , една фантомка црна боја; четири ножеви на расклопување; три помали ножеви скриени во футрола; еден куршум 9мм за огнено оружје-пиштол; еден куршум НН калибар; седум куршуми за пиштол за светлосна звучна сигнализација, како и еден магацин од пиштол со 10 куршуми за светлосно звучна сигнализација и друго.

Истовремено во ПС Карпош се приведени лицата А.К. (42), М.М. (31) и Ј.С. (32) сите од Прилеп, кои што биле во возилото и против нив по целосно документирање на случајот ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.

Триесет и петгодишен скопјанец е осомничен за кривични дела „разбојништво“ и „тешка кражба“ кои ги извршил во новогодишната ноќ, со кои се стекнал со противправна имотна корист од околу 38.000 денари, информираа од МВР.

Според полицијата, првото кривично дело Д.М. го извршил на 1 јануари околу 1.30 часот на улица „23 Октомври“ пред влез од зграда каде што, откако се уверил дека во близина нема никој, ја нападнал од зад грб оштетената и со сила ја втурнал во влезот. Напаѓачот ја удирал со тупаници по главата, по што оштетената паднала на подот, но Д.М. продолжил да ја удира и и го зел ранецот што го носела на грб. Во ранецот имало лични документи, еден мобилен телефон и еден пар слушалки.

Второто кривично дело, тешката кражба, Д.М. ја извршил истиот ден околу 2.15 часот на булеварот „АВНОЈ“, каде што од паркирано возило употребувајќи  шрафцигер со кој го скршил стаклото од задната десна страна, од задното седиште одзел машка јакна.

Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Во Полициската станица Карпош, вчера во 10.20 часот, Г.Б. (55) од Скопје пријавил дека на 10/11.01.2018 година во периодот од 17.00 до 09.00 часот од паркинг просторот пред зграда на улица „Никола Парапунов“ од страна на непознат сторител било одземено возило „Ренџ Ровер Евок“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на правно лице.

Со извршеното кривично дело сторителот се стекнал со противправна имотна корист од 2.460.000 денари.

Се преземаат мерки за расчистување на настанот.