Скопјанец се вработил со лажна диплома од српско техничко училиште, oд амбулантата во Арачиново украдени 200 литри нафта…

Против 44-годишниот М.П. од Скопје полицијата поднесе кривична пријава поради сомнение за сторено кривично дело фалсификување исправа.

Како што информираат од МВР, во текот на 2013 година, пријавениот за вработување во Управата за водење на матичните книги во Скопје, приложил диплома со невистина содржина за положен четврти степен издадена од техничкото училиште „Зеќир Мусиќ“ од Србијa.

Непознат сторител од амбулантата во Арачиново украл двесте литри нафта за домаќинство, соопшти полицијата.

Ф.А. (58) од село Арачиново, вработена во амбуланта во ова село како патронажна сестра, вчера во 8:20 пријавила дека во периодот од 19,30 часот на 9 февруари до 7 часот вчера непознат сторител извршил тешка кражба во Здравствена станица Арачиново.

Како што соопшти МВР, сторителот со употреба на сила влегол во подрумската просторија, демонтирал едно црево на резервоарот и одзел околу 200 литри нафта за домаќинство, по што побегнал во непознат правец.

Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на случајот.

Од продавница за техничка стока на ул. „Ѓорче Петров“ непознат сторител украл 21 лап топ компјутери и причинил штета од околу 900.000 денари.

МВР соопшти дека, во периодот од 15:00 часот на 11 февруари до 04:30 часот вчера непознат сторител извршил тешка кражба во продавница за течничка стока на ул. „Ѓорче Петров“ во Скопје.

Сторителот, како што се наведува, со парче бетон го скршил стаклото од влезната врата, влегол внатре и одзел 21 лап топ компјутери, по што побегнал во непознат правец. На тој начин сторителот се стекнал со противправна имотна корист од околу 900.000 денари.

Полицијата преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на случајот.