СКОПЈЕ ВО АВГУСТ: Многу забава, култура и спорт

Без сомнение нашиот главен град од почетокот на август ќе биде во центарот на големите збиднувања. Имено, на 8 август е долгоочекуваниот натпревар помеѓу Манчестер Јунајтед и Реал Мадрид, а ден претходно почнува јубилејното десетто издание на „Пиволенд“. Главниот град се подготвува за пречек на многу гости, пред кои треба да се остави добар впечаток.

Во контекст на ова се ангажирани веќе сите нивоа на градското функционирање, како и приватниот сектор. Веќе е најавено комплетно чистење и средување на градскиот парк, особено внимание ќе им се посвети на правилното фрлање и чистење на отпадот, ќе се внимава на плоштадите и на фонтаните, како и на речното корито на Вардар. Во акцијата се вклучуваат и хотелиерите и трговците, кои со своите понуди и амбиент треба да додадат вредност во целата приказна, како пред странците така и пред жителите и домашните посетители.

По тој повод градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, оствари средба со сопствениците на угостителските објекти на повеќе локации во нашиот главен град за збогатување на забавниот живот и културната понуда во градот. Угостителите имаа шанса да дадат свои предлози за збогатување на забавниот живот и истакнаа дека имаат одлична комуникација со службите во градот за сите нивни идеи, предлози и проблеми со кои се соочуваат.

Градоначалникот изјави дека тој и неговиот тим добиле одлични сугестии од угостителите, а нивните предлози ќе бидат разгледани во најскоро што може.
– Една од насоките каде што доминираа предлозите на сопствениците на угостителските објекти е да се зголеми културно-забавната понуда во летниот период. Сметам дека на овие средби угостителите ни дадоа голем број одлични идеи, кои во наредниот период ќе ги разгледаме и повторно ќе се сретнеме со нив со конкретни насоки за да ги реализираме – вели Трајановски.

Градоначалникот изјави дека целта е во август да се понуди одлична забава во Скопје. Тој исто така истакна дека оние што ќе бидат во градот од почетокот на август ќе присуствуваат на многу забава и интересни содржини, како и на своевиден спектакл.
– Целта е во август да понудиме одлична забава во Скопје. Како што веќе знаете, на 8 август ќе се одржи спектаклот, фудбалскиот Суперкуп помеѓу Манчестер јунајтед и Реал Мадрид, а од 7 до 12 август ќе се одржи јубилејното десетто издание на „Пиволенд“. Во тој период очекувам да започне и голема забава во Скопје, која ќе трае одреден период. Сметам дека сите што ќе останат во главниот главен град во тој период нема да зажалат. Нашите граѓани, а и оние што ќе нѐ посетат ќе бидат пречекани со многу забава и интересни содржини – изјави Трајановски.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Please enter your comment!
Please enter your name here