Сообраќајната култура во Македонија не е на потребното ниво

0
31

Мото АМЕРИТ, како дел од СИЗ Македонија Сообраќај АМЕРИТ и во соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, до 10 август нуди бесплатен превентивен технички преглед. Кај нас, посебно оние што управуваат моторни возила немаат навика да вршат превентивен технички преглед, туку доаѓаат само на задолжителните технички прегледи што се предвидени со законските прописи.

„Идејата за покренување на ваква акција токму во овој период произлезе од тоа што во летниот период густината на сообраќајот неколкукратно се зголемува и најголемиот дел од граѓаните патуваат на летни одмори како во земјава, така и во странство. Воедно според статистиката бројот на сообраќајни незгоди во летниот период е зголемен. Од друга страна, според одредбите во нашите законски прописи, дел од возилата подлежат на технички преглед на секои две години, па оттука и нашата иницијатива и акција сметаме дека е повеќе од потребна.

Мото АМЕРИТ се реши на ваква кампања, за која се надеваме дека ќе прерасне во традиција, со цел зголемување за техничката исправност на возилата и со тоа зголемување на безбедноста во сообраќајот. Крајна цел е долгорочно да влијаеме на свеста на граѓаните кои управуваат со моторни возила дека само технички исправно возило е безбедно возило за учество во сообраќајот“, вели м-р Иван Илиевски, раководител за развој во Мото АМЕРИТ .

За оваа цел потпишан е и Меморандум за соработка со РСБСП за унапредување и зголемување на безбедноста на патиштата, за поголема едукација на професионалните возачи и за намалување на бројот на жртви во сообраќајните незгоди. Ќе се изведуваат и заеднич­ки активности и иницијативи за промоција за безбедно учество на професионалните возачи во сообраќајот, одржувањето едукативни трибини, спрове­дувањето кампањи, едукацијата за правил­на употреба на возачките картички на долги дестинации како и користењето нова технологија при обучувањето на младите.

„Ова се само дел од активностите, кои што АМЕРИТ и РСБСП ќе ги преземат во наредниот период, со цел подигнување на безбедноста во сообраќајот на патиштата. Во таа насока, двете институции во иднина ќе разменуваат искуства, совети и информации во врска со позитивните прак­тики што се користат и што можат да се употребат со цел да се зголеми безбедноста на патиштата. Се надеваме дека ова ќе биде поттик и за ос­танатите компании во рамките на нивните активности од областа на општествената одговорност да го препознаат сообраќајот како сериозен проблем и да придонесат во рамки на своите можности кон поголема безбедност на сите учесници во сообраќајот на патиштата“, вели Илиевски.

Мото АМЕРИТ е овластено правно лице за вршење на технички преглед на возила како и овластено правно лице за издавање на меѓународни документи. Објектот е еден од најсовремените во државата од ваков вид, опремен е со најсовремена опрема која ги исполнува сите строги критериуми што се пропишани во законските прописи.

„Современата опрема и стручноста на кадарот ни овозможија во рекордно кратко време да ги добиеме сите потребни акредитации и овластувања од Институтот за акредитација на РМ како и од Министерството за економија, Министерството за внатрешни работи и Министерството за транспорт и врски. Во Мото АМЕРИТ покрај технички преглед на возила може да се изврши: хомологација на возила, атест на возила, добивање на ЕКМТ ЦЕМТ сертификати, АТП сертификати, АДР сертификати за возила кои вршат превоз на опасни материи, калибрација на аналогни и дигитални тахографи како и мноштво други услуги како за физички така и за правни лица. Наша цел е обединување на сите потребни услуги на едно место како за физички лица така и за правни лица кои вршат превоз на стока или патници во домашниот и меѓународниот транспорт и со тоа во голема мера да им ја олесниме работата и да им заштедиме време и финансиски средства на клиентите. Мото АМЕРИТ располага со обучен и стручен кадар за професионална и брза услуга. Се обрнува посебно внимание во делот на континуирани обуки бидејќи оваа материја е доста променлива и бара секојдневно следење на сите промени како во легислативата во РМ така и во Европа. Сакам да напоменам дека во иднина Мото АМЕРИТ има планови за проширување како на просторните капацитети така и за проширување на лепезата на нови услуги согласно пазарните потреби“, рече Илиевски.

Тој смета дека нивото на сообраќајната култура во РМ не е на потребното ниво и дека во овој дел заостануваме во однос на европскиот просек.

„Треба да разбереме дека сообраќајната култура и нашето однесување во сообраќајот имаат големо влијание на сите општествени текови. Сакам да нагласам дека навиките за учество во сообраќајот не само на возачите, туку и на сите учесници во сообраќајот, се стекнуваат уште од најрана возраст и потоа континуирано се надополнуваат целиот живот. Наивно е да се верува дека со спроведување на кампањи и други акции, кои иако имаат големо влијание, сме го решиле проблемот. Треба систематски да се изработат програми кои ќе бидат вклопени во едукацијата на децата уште во нивната  предучилишна возраст, а потоа и во основното и средното образование. Само на тој начин може на среден рок да се очекуваат добри резултати и зголемување на сообраќајната култура кај сите учесници во сообраќајот, што од друга страна има големо влијание на зголемувањето на безбедноста во сообраќајот. Мора да го нагласам феноменот, дека ние како учесници во сообраќајот во целост ги почитуваме сообраќајните правила и прописи кога патуваме во странство, но за жал истото не секогаш го практикуваме во нашата земја. Во сообраќајот е најважно превентивното делување и едукацијата, ригорозно спроведување на законите и сообраќајните правила, бидејќи последиците честопати се катастрофални и ненадоместливи“, рече Илиевски.

Извор: мкд.мк

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Please enter your comment!
Please enter your name here