Тешка сообраќајка во Бутел, маж во крварење во главата итно пренесен во болница, жена прегазена во Ѓорче, исчезнат маж пронајден мртов…

Вчера околу 16,30 часот во Скопје на улица „2-ра Македонска Бригада“, Ф.Н (67) од Скопје управувајќи патничко моторно возило „Тико“ со скопски регистарски ознаки изгубил контрола над возилото и удрил во канделабра за улично осветлување. Ф.Н. со возило на Итна медицинска помош е пренесен во Градска општа болница „8-ми Септември“, каде му се констатирани тешки телесни повреди (внатрешни крварења во главата), по што во неконтактибилна состојба е префрлен и задржан на лекување во Комплекс Клиники “Мајка Тереза” Скопје. Извршен е увид на местото на настанот.

На 13.02.2018 година околу 21,05 часот во Скопје на улица „Мајски манифест“, М.С.(44) од Скопје  управувајќи патничко моторно возило „Дачиа Логан“ со скопски регистарски ознаки  удрила во пешакот Т.Ш.(43) од Скопје. Т.Ш. со возило на Итна медицисна помош е пренесена во Градска општа болница „8-ми Септември“, каде и се констатирани тешки телесни повреди (фрактура на коксигејална коска) и надвор од животна опасност е задржана на понатамошно лекување. Извршен е увид на местото на настанот.

На 13.02.2018 година околу 20,10 часот во Куманово на улица „Тоде Мендол“ непознато лице управувајќи патничко моторно возило „Голф“ со непознати регистарски ознаки  удрило во пешакот А.И.(48) од Куманово, по што непознатото лице со возилото го напуштило местото на настанот. По незгодата пешакот А.И. со возило на Итна медицинска помош е пренесен во Медицински центар Куманово, каде му се констатирани тешки телесни повреди и е задржан на понатамошно лекување. Извршен е увид на местото на настанот, се  преземаат мерки за пронаоѓање на лицето и возилото.

На 13.02.2018 година во 18,20 часот на магистралниот пат Крива Паланка-Куманово на место викано .„Љубински ливади“ во атар на село Гиновци, се случила сообраќајна незгода помеѓу трактор „ИМТ 539“ без регистарски ознаки, управуван од С.В.(36) од село Радибуш, и патничко моторно возило „БМВ“ со кумановски регистарски ознаки  управувано од Г.Р.(39) од село Псача, Крива Паланка. Во незгодата возачот на тракторот С.В. и сопатникот Г.Ѓ.(45) од село Конопница, Крива Паланка, се пренесени во Здравствен дом Крива Паланка,  од каде Г.Ѓ. поради сериозноста на повредите е префрлен во Комплекс клиники “Мајка Тереза” Скопје. Извршен е увид на местото на настанот.

На 12.02.2018 година околу 23,00 часот, пријавено е дека Б.Ј.(68) од Пробиштип паднал од скали пред семејната куќа, при што се здобил со тешки телесни повреди (скршеница на основа на черепот) констатирана во Клиничка болница Штип.

На 13.02.2018 година во 13,00 часот М.М.(67) од Скопје  пријавил дека во населба Ѓорче Петров на улица „Новопроектирана“, на околу 5-6 метри од патот, пронашол огнено оружје пиштол. Од страна на полициски службеник излезено е на местото на настанот, при што е утврдено дека се работи за пиштол марка „Берета“. Оружјето  е подигнато за понатамошна  постапка.

На 13.02.2018 година во 10,00 часот во Полициска станица Ресен, Џ.И.(51) од Ресен пријавил дека на 12.02.2018 година од 07,00 од дома во непознат правец се оддалечил неговиот син А.И.(21). Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

На 13.02.2018 година во 09,00 часот во Берово на улица “Дамјан Груев” пронајден е починат Б.Б.(75) од Берово кој на 10.02.2018 година беше пријавен за исчезнат (објавено на сајтот на МВР на 11.02.2018 година). Извршен е увид на местото на настанот, телото на починатиот е  предадено на фамилијата за погреб.

Во текот на вчерашниот ден (13.02.2018 година), на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Скопје се случиле вкупно 15 сообраќајни незгоди од кои две со тешки телесни повреди, пет сообраќајни незгоди со телесни повреди и осум со материјална штета. При сообраќајните незгоди две лица се здобиле со тешки телесни повреди и пет лица се здобиле со телесни повреди. Од преземените мерки и активности констатирано е дека 18 возачи го управувале возилото со брзина поголема од дозволената, еден возач е санкциониран поради управување на моторно возило под дејство на алкохол, а девет возачи биле исклучени од сообраќајот бидејќи го управувале возилото без да се стекнат со право за управување на моторно возило. Поради технички неисправни возила од сообраќајот исклучени се четири возила и 10 возила поради истечена важност на сообраќајната дозвола. Во однос на пешаците, санкционирани се девет пешаци бидејќи поминале на коловоз надвор од пешачки премин. Санкциониран е по еден возач поради недавање првенство на минување и неправилно престројување и двајца возачи се санкционирани поради неправилно престигнување. Во текот на изминатиот ден издадени се 96 мандатни платни налози, додека 81 возило е подигнато со “пајак”.