Турскиот мјузикл „Легендата на птицата Симург“ во Скопје

Мјузиклот „Легендата на птицата Симург“, во кој учествуваат 45 уметници – членови на хорот, на оркестарот и на танцовата група при ТРТ –Турската државна радио телевизија, в понеделник ќе биде изведен во Домот на АРМ.

Настапот во Скопје е во рамки на балканската турнеја, на која „Легендата на птицата Симург“ ќе биде изведена во Солун, Тирана, Сараево, Белград, Загреб, Букурешт и во Софија. Балканската турнеја е организирана под покровителство на претседателство на Турција и е поддржана од Влада на Турција, ресорните министерства, државната телевизија ТРТ, како и бројни институции од областа на културата.

„Легендата на птицата Симург“ претставува музичко патување со разнообразни музички, танцови и сценски елементи, оригинална кореографија и визуелни уметности, со цел да се истакнат белезите на турската цивилизација низ историјата до денес.

Мјузиклот е средба на традиционалната турска музика која ги опфаќа песните испеани во палатите, народните песни од селата, духовните илахии од теќињата, средба со автентичните фолклорни танцови и ритуали, средба со литературата и со историјата – се до уметноста на современите технологии. „Легендата на птицата Симург“ досега е изведуван десетина пати од премиерата која се одржа на 6 мај 2016 година во Конгресниот центар „Халич“.

Почеток е во 20 часот, а влезот е бесплатен.