Вардар ќе гради нов стадион во скопската населба Карпош!

Македонскиот фудбалски шампион Вардар ќе добие нов стадион кој ќе се гради во скопската општина Карпош, на местото каде што сега игра второлигашот Локомотива, неофицијално дознава „Спорт1“ од извори блиски на општината.

Сопственикот на Вардар, рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко одамна имаше намера да изгради нов, помал стадион каде што црвено-црните би ги играле натпреварите од домашното првенство. Проектот за изградбата бил готов, доставен до надлежните во општина Карпош, од каде што без проблем се согласиле да бидат домаќини на најголемото фудбалско име во Македонија. Остануваат само да се средат бирократските работи за да може да почне изградбата на новиот црвено-црн храм, за кој ќе треба да помогне и државата која би требало да отстапи дел од нејзиното земјиште околу теренот на Локомотива.

За сето ова побаравме потврда и од спортскиот директор на Вардар, Дарко Панчев, кој изненаден дека информацијата протекла во јавноста, скромно изјави дека потребно е да се утврдат техничките детали за овој проект.

„Tочно е дека е во план да се гради стадион на таа локација, ама треба допрва да се утврдат сите технички детали“, ни изјави Панчев.

„Црвено-црните“, кои сега се „кираџии“ на Националната арена „Филип втори“ имаат во план новиот стадион да биде суперлуксузен, со сите нишани и на него, покрај домашните првенствени и Куп средби, да можат да се играат и понеатрактивните европски дуели.

Пред две години протекоа во јавноста фотографии од тоа како ќе изгледа новиот стадион на Вардар, за кој тогаш се шпекулираше дека ќе се гради во општина Аеродром. Откако стивна бурата, од клубот се јавија со соопштение дека проектот е стопиран за извесен период. Сега информациите велат дека сѐ е договорено Вардар да добие нов стадион, но во Карпош, населба која отсекогаш се сметала за една од највардарските во Скопје.

Ова секако ќе наиде на голема поддршка од страна на вардаровите навивачи, кои од поодамна протестираат што екипата постојано се сели со своите домашни мечеви, најчесто на „Филип Втори“ треба да се играат репрезентативни натпревари. Вардар во изминативе години своите домашни средби ги играше во Ѓорче Петров, во Маџари, во Велес, но со добивањето на нов стадион, тој проблем веќе нема да го има.

ЗАБЕЛЕШКА: Фотографиите НЕ се од проектот „Стадион на Вардар во Карпош“, туку се од времето кога требаше да се гради стадионот во Аеродром. Сега се само искористени за илустрација на текстот.