За Стара Нова година СИТЕ ВО ОХРИД – вечерва концерт на Љубојна

loading...

Со голем концерт на еден од најоригиналните домашни музички состави – Љубојна на Градскиот плоштад во Охрид, продолжуваат настаните кои се дел од проектот „Од 20-ти до 20-ти СИТЕ ВО ОХРИД“.

Новиот концепт на прослава на Нова година и сите празници во овој период од годината во Охрид се покажа како полн погодок за огранизаторите, на задоволство на бројните гости од земјата и странство кои уживаат во убавините на градот и богатата програма. Хотелиерите и останатите угостителски работници понудија и прифатливи цени, што резултираше со одлична исполнетост на градот во овој период од годината, велат од Општина Охрид.

– Македонска традиционална музика, ноти извадени длабоко од срцето кои раскажуваат за некогаш и денес, за неповторливо оригиналниот, вистински и отсекогаш модерен звук. На едно место музика за душа во најубавиот град.
Дојдете вечерва на Градскиот плоштад во Охрид. Концертот започнува во 21:00 часот, порачуваат организаторите.

Сите манифестации се дел од поголемиот проект за промоција на Охрид во обид за максимално продолжување на туристичката сезона насловен како „Од 20-ти до 20-ти СИТЕ ВО ОХРИД“. Изминатата недела имавме одличен настап на Жармена и Китроз на Градскот плоштад, а беше промовирана и книгата „Охрид во 10“.

Општина Охрид обезбеди и артикли и се што беше потребно и за прославата на дочекот на Стара Нова година – Василица и за жителите на Урбаната заедница „Железничка“, чиј Василичарски одбор го организира најмасовниот дочек во градот. Од остатокот на програмата утре на новата сцена кај малиот плоштад кај Мини маркет ќе се одигра новогодишната театарска претстава-ПХВ Шоу (Промоција на хумани вредности Шоу) од Клубот на млади при ООЦК Охрид, следуваат и Трката на келнерите, Изложбата на отворено на најубави фотографии од Охрид, Фестивалот на графити и модерна уметност.

На 19-ти јануари за големиот верски празник Водици ќе настапат Фолтин, со што ќе биде крунисана целата манифестација.