Затвореник предизвикал хаос во ќелија, на скопјанка и ја киднапирале ќерката пред нејзини очи, драма во Шутка – претепано цело семејство

loading...

Затвореник направи голема штета во затворот во Охрид. Според информацијата на полицијата, вчера во 15.45 часот во Полициската станица Охрид, вработен во Казнено поправната установа “Затвор Охрид“ пријавил дека на 12.03.2018 година во 20.20 часот во една од собите во притворското одделение, Л.М. (31) од Куманово, најверојатно со запалена цигара, запалил ќебиња и јоргани во просторијата каде бил сместен.

Од екипа на Територијалната противпожарна единица Охрид, како и од вработените во затворот, пожарот бил изгаснат.

Осумнаесетгодишна девојка од Тетово вчера е киднапирана од страна на 38-годишен тетовец кој ја грабнал од нејзиниот дом, а нејзината мајка физички ја нападнал.

Министерството за внатрешни работи денеска соопшти дека случајот во полиција е пријавен од страна на мајката Ф.С. од Скопје која била со привремен престој во Тетово. Според неа, 38-годишниот Д.К. околу 19 часот дошол во нивниот дом и насила ја грабнал ќерка и. Кога мајката се обидела да му се спротистави, тој ја удрил двапати по главата и насила ја внел ќерката Е.С. во возилото и ја однел кај него дома.

По преземените мерки, Д.К. и Е.С. се пронајдени и однесени во СВР Тетово.

За настанот е запознаен јавен обвинител и се работи на расчистување на случајот.

Полицијата, во два одвоени случаи, поднесе кривични пријави против Д.Т.(28) и М.Ѓ.(24), поради сомнение дека сториле кривични дела „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори“.

Како што информираат од МВР, пријавените подолг временски период, односно од втората половина на 2017 година и почетокот на 2018 година, неовластено од непознати лица набавувале дрога и психотропни супстанции, што ги чувале во своите домови, каде ги препакувале и ги продавале на корисници во главниот град.

Со претходно обезбедена судска наредба извршен бил претрес во домот на Д.Т. во Скопје и притоа биле пронајдени 272 грама марихуана и 75 грама хашиш. Извршен бил претрес и во домот на М.Ѓ. каде биле пронајдени и одземени 95 грама марихуана.

Драма во населбата Шуто Оризари, претепано цело семејство. Како што информираат од МВР, во 00.30 часот во Единицата за информации и команда Скопје, Д.Ш. (42) од Куманово пријавил дека на 13.03.2018 година околу 20.00 часот во населба Шуто Оризари, тој и неговото семејство биле физички нападнати од Б.Џ. (22) од Скопје и уште неколку непознати лица.

Д.Ш. претходно договорил средба со Б.Џ., со кого претходно побегнала неговата ќерка Е.Ш. (19). Кога стигнал со неговото возило „Голф 3“ со кумановски регистарски ознаки, заедно со неговата сопруга З.Ш. (39), неговиот брат Ш.Ш. (40) и неговиот 17-годишен син, го забележале Б.Џ. со повеќе непознати лица. Тој веднаш почнал да го удира Д.Ш. со дрво и му нанел телесни повреди во пределот на главата и телото. Потоа се придружиле и другите лица кои физички ги нападнале сите лица во возилото “голф“, удирајќи ги со раце и нозе по главите и телата. Во еден момент Е.Ш. успеал да избега. Потоа Б.Џ. земал секира, но Ш.Ш., Д.Ш. и З.Ш. побегнале. Во врска со овој настан, во Полициската станица Чаир, Р.А. (61) од Скопје пријавила дека околу 19.40 часот дошле лицата Б.Џ., Б.Д. (50) и Е.С. (27), сите од Скопје, и со секира и дрвена палка ја скршиле влезната врата и го нападнале нејзиниот внук Е.Ш. Од страна на Итна медицинска помош Д.Ш., Ш.Ш. и З.Ш. биле пренесени во Градската општа болница „Св. Климент Охридски“, додека Е.Ш. бил однесен во Ургентен центар при комплексот клиники „Мајка Тереза“ Скопје.

Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

На 10.03.2018 година околу 12.00 часот, П.П. (51) од Куманово, кој претходно бил пријавен за изчезнат, бил пронајден во с.Шупли Камен. Веднаш е известено неговото семејство, кое на 09.03.2018 го пријави за исчезнат во ПС Куманово.

Македонски државјанин е уапсен во Врање поради шверц со лекови за смирување. Според српските медиуми, возачот на автобусот од Скопје се обидел да пренесе 100 кутии „апаурин“, 257 кутии „лексилиум“ од три милиграми и 203 кутии „лексилиум“ од шест милиграми. Станува збор за лекови за смирување и несоница. Случајот е во рацете на Обвинителството во Врање.

Во текот на вчерашниот ден на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Скопје се случиле вкупно 13 сообраќајни незгоди од кои шест со лесни телесни повреди и седум со материјална штета. Во сообраќајните незгоди седум лица се здобиле со лесни телесни повреди. Од преземените мерки и активности констатирано е дека 32 возачи управувале возила со брзина поголема од дозволената. Од сообраќај се исклучени 12 возачи од кои: еден возач поради тоа што управувал моторно возило под дејство на алкохол, 10 возачи управувале возила без да се стекнат со право за управување на моторно возило и еден бил возач почетник. Поради техничка неисправност едно возило е исклучено од сообраќајот, а санкционирани се шест возачи бидејќи управувале нерегистрирани возила. Исто така еден пешак е санкциониран бидејќи поминал на коловоз на црвено светло, како и осум возачи поради поминување на крстосница на црвено светло а пет возачи се санкционирани поради неправилно престигнување. Во текот на изминатиот ден издадени се 111 мандатни платни налози, додека 68 возила се подигнати со специјално возило “пајак”.