ЖРК Вардар се распаѓа, а навивачите испратија емотивна порака – Фото

ЖРК Вардар игра одлично сезонава во Лигата на шампионите, пласманот на фајнал-фор турнирот е речиси загарантиран, а ќе се обидат да направат и чекор понатаму, освојувајќи ја европската клупска ракометна титула.

Тоа ќе биде последна шанса за нашиот тим да дојде до толку посакуваниот трофеј, бидејќи стана јасно дека од следната сезона ЖРК Вардар ќе има сосема поинаков лик.

Она што се најавуваше некое време, беше потврдено од страна на претседателот на клубот, Гордана Нацева, а тоа е дека Вардарки ќе ја загубат својата моќ.

„Клубот останува максимално фокусиран на главната цел – освојување на трофејот во Лигата на шампионите. Тоа е првата работа за нас и останува цел и оваа година. Клубот од септември ќе настапува со играчи од сопствениот погон, млади ракометарки од школите на Вардар. Планираме со нив да се работи на подолг рок, да им се наметне амбиција и во иднина тие да станат дел од македонската репрезентација за ЕП во 2022 година. Тоа е мотив и предизвик за нас“, изјави Нацева

Раководството им порача на ракометарките дека за следната сезона можат да си побараат нова средина, а во иднина клубот ќе се потпира на млади македонски сили. Токму затоа сезонава е последна шанса за да се освои титулата која се напаѓа во последните три-четири години. Бидејќи е јасно дека следната сезона тоа ќе биде практично невозможно.

Токму затоа, навивачите на ЖРК Вардар на денешниот меч со Будуќност истакнаа парола и испратија емотивна порака:

„И нас не боли, но вие и понатаму ќе сте нашите идоли!“, пишуваше на трибините на СЦ „Јане Сандански“.

Вардарки сезонава се единствениот непоразен тим во Лигата на шампионите, а целта е, по ланската вицешампионска титула, сезонава да се отиде скалило погоре, односно освојување на трофејот во Лигата на шампионите.

Извор: Спортклуб