Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР оформи предмет во врска со случувањата на финалето на ракометниот куп на Македонија откако по завршувањето на натпреварот по настанатата мешаница на теренот, ракометарот на Вардар, Филип Талески беше удрен со пендрек по главата. Од МВР велат дека во СВР Охрид не е поднесена преставка, поплака или друг вид на пријава од ракометари, делегати или други официјални спортски претставници против полициските службеници кои го обезбедуваа натпреварот.

По вчера одиграниот ракометен натпревар КУП на Македонија-финале помеѓу ракометните екипи Еурофарм Пелистер од Битола и Вардар од Скопје, во СВР Охрид не е поднесена преставка, поплака или друг вид на пријава од ракометари, делегати или други официјални спортски претставници против полициски службеници кои извршуваа обезбедување на натпреварот што го следеа околу 4000 луѓе. По завршување на спортскиот натпревар, поради меѓусебна турканица на неколку ракометари од двете екипи на теренот, најнапред реагираше обезбедувањето на натпреварот, а потоа од страна на еден полициски службеник од полициската станица од општа надлежност Охрид преземени се физички мерки. По службена должност Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР оформи предмет и презема мерки за целосно расчистување на случајот“, информираа од МВР.