Уникатниот словенечкиот бенд Jimmy Barka Experience утревечер со концерт на Македокс

loading...

Утре со почеток од 22 и 30 часот во Куршумли ан PopUp Music и МакеДокс го најавуваат концертот на словенечкиот бенд Jimmy Barka Experience, кој претставува музичка соработка помеѓу двајцата приврзаници на фанк и соул звукот – диџеите Бакто и Борка, и познатиот словенечки перкусионист Марјан Станиќ (исто така член на Чомпе, Баст, Васко Атанасовски трио, Лолита).

Иако имаат мошне различни музички заднини (Станиќ е повеќе поврзан со етно и со џез), Jimmy Barka Experience пронашле начин како ефективно да ги комбинираат тапаните со електронските семплови и ремикси. Нивната музика е одлична мешавина од фанк, брејкбит, балкански ритми, рок и афро звуци, придружени со моќни изведби во живо, кои се суперматеријал за танцување. Името на бендот произлегува од Џими Барка (улога на Драган Николиќ), лик од легендарниот југословенски филм „Кад будем мртав и бео“.

За првпат се појавија на фанк-настанот „Зелено сонце“ во 2010 година, а потоа настапуваа и како предгрупа на Урсула Рукер, Граматик, Паров Стелар, а имаа свои настапи и на фестивалите Druga Godba, Etnika International World Music Festival, Мent Ljubljana, Pohoda festival, како и во многубројни словенечки и странски клубови.