10 најчести машки имиња во Македонија и нивното значење

ИЗВОРскопје24
|

Во продолжение погледнете листа од топ 10 имиња подредени од најретки кон најчести и откријте кое е нивното значење:

Илија се појавува 7438 пати. Името има хебрејско потекло и има значење „Јехова е мој Бог“. Во народното верување пак, Св. Илија се смета за клучар кој го отклучува или заклучува небото и го контролира дождот.

Јован се појавува 7829 пати. Името потекнува од грчкото име „Ioan, Ioannes“, а зборот од кој изворно потекнува името, значи „Бог е милостив“.

Мартин се појавува 8054 пати. Изведено е од римското презиме „Martinus“, кое има потекло од римскиот бог Марс. Луѓето со ова име најчесто имаат големи лидерски способности.

Игор се појавува 8263 пати. Името потекнува од староскандинавскиот „Ingvar“ – од „Yngvi“, име на скандинавскиот бог на плодноста + зборот „varr“ кој означува „чување, штитење“. Значењето на името се толкува како „борец (за мир), војник“.

Петар се појавува 9236 пати. Името има грчко потекло, изведено од зборот „petros“ кој значи „камен, карпа“, па значењето на името се толкува како „непоколеблив, одлучен, цврст како карпа“.

Стефан се појавува 9308 пати. Името има грчко потекло и е варијанта на грчкото име Stefаnos, што значи „венец, круна“. Во преносно значење, името претставува „оној кој е крунисан“.

Горан се појавува 12118 пати. Старословенско име кое има потекло од зборот „gora“ (шума, планина), во преносно значење „роден, настанат во шума, планина“, а се смета и за синоним на „големина, сила“.

Никола се појавува 15701 пати. Името Никола е со грчко потекло, изведено од зборовите „nike“ – „победа“ и „laos“- „народ“, па значењето на името е народот победува.

Зоран се појавува 15837 пати. Ова е старословенско, народно име, а потекнува од зборот „zora“ – почеток на денот, а во старословенската митологија Зора е божица на утрото и разденувањето.

Александар се појавува 22550 пати. Потекнува од грчкото име Aléxandros, со значење „заштитник на луѓето“, но исто така е симбол за храброст и смелост, а ова име го носел и големиот војсководец Александар Македонски.