Адел се „преполови“, – а сега се отвори темата што е феноменот slim shaming?

ИЗВОРСкопје24
|

Адел намали околу 45 килограми за помалку од една година и според извори блиски до пејачката, тоа го направила за да биде „поздрава“ и „подобра мајка“.

Нејзините фанови имаа измешани реакции на ваквата драстична промена. Некои сметаат дека нејзиниот изглед нема врска со нејзината кариера и гласот, додека други ѝ замеруваат што ослабела, откако со години изјавуваше дека не е важно како изгледа и дека нема да дозволи притисокот на индустријата да ја смени.

Реакции не недостигаат ни од медиумите, со тенденција да се направи сензација од промената на животниот стил на пејачката, небаре досега правела нешто погрешно.

Трансформацијата на Адел ја обнови и комплицираната тема за феноменот наречен slim shaming или fit shaming. Додека претходно овој феномен беше насочен кон „омаловажување на луѓето кои се слаби или природно фит“ поради начинот на кој изгледаат, наспроти луѓето (претежно девојки и жени) кои имаат облини и се крупни, со случајот на Адел зазеде нови размери.

Сега „критиките“ односно омаловажувањето е насочено кон неа како позната личност која се прославила како крупна жена, а сега намерно и свесно ослабела. Тука се поставува уште едно многу важно прашање: Колку јавноста, односно медиумите, треба да се занимаваат со надворешниот изглед на славните и да се става нивниот квалитет на истиот кантар со кој се мери нивниот успех како професионалци, оносно начинот на кој тие влијаат како пример во општеството?

Зошто Адел одлучила да слабее не треба да биде предмет на дискусија, а уште помалку предмет на оценување или критикување, освен ако самата таа не одлучи да зборува за тоа. Сите други претпоставки и надмени мислења од луѓе кои не се повикани да коментираат не само што се излишни, туку и создаваат негативна атмосфера и негуваат култура на токсично однесување, кои се косат со наводната намера на „загрижените“ дека Адел „давала лош пример“.