Филмот „Се во исто време“ е апсолутен победник на синоќешното 95-то доделување на Оскарите. Доби седум златни статуетки, вклучувајќи ја и онаа за најдобар филм.
За прв пат во историјата на Оскарите, наградата за најдобра актерка ја освои Мишел Јео како прва Азијка која добила Оскар во оваа категорија, за главната улога во филмот „Се во исто време“.
Покрај Мишел, Оскар за улогите во овој филм добија и Ке Хуи Кван и Џејми Ли Кертис.
Паралелни универзуми со различни животни патишта
Најдобро оригинално сценарио го напишаа Даниел Кван и Даниел Шајнерт, кои синоќа добија и Оскар за овој филм.
Која е тајната на успехот на овој филм, кој победи многу сериозни конкуренти, како што се филмовите „Аватар“, „Фабелманс“, „Катран“ и „Елвис“?
Приказната ја следи една постара кинеска имигрантка Евелин, која е вовлечена во незамислива авантура во која сама се обидува да го спаси светот со истражување на паралелни универзуми каде наидува на животни патеки што можела да ги води.
Филмот „Се во исто време“ не следеше традиционална шема за да ја раскаже приказната. Кунг-фу авантурата е исполнета со необични моменти, како луѓе со виршли наместо прсти, готвач со ракун под капата, пластични очи и џиновски колачи.
Режисерското дуо Даниел Кван и Даниел Шајнерт (колективно познати како Даниелс), најпрво се прославија правејќи музички спотови, пред на крајот да го направат веројатно најчудниот и најлудиот филм досега.
Реализацијата на „Се во исто време“ медиумите ја опишаа како огромно, емотивно, зачудувачки хаотично, а во исто време и смешно искуство. Вистински мета-акционен сон во кој Мишел Јео ја има главната улога – каква што заслужува, напиша „Лос Анџелес Тајмс“.
Мишел Јео, која ги игра повеќекратните личности на главниот лик Евелин, изјави за можноста да добие вакво сценарио и да учествува во филм како овој:
– Мислам дека долго чекав вакво сценарио, кое раскажува за жена на моја возраст, азијка, имигрантка. Имате обична жена која се претвора во суперхерој. Даниелс направи да се слушне гласот на толку многу жени, толку многу маргиналци, што ова е улога која може само да се посака.