Арсовска на Самитот на „Економист“: Добрососедските односи и политичка стабилност на регионот се клучните услови за одржлив економски развој

loading...

Премиерот на Србија, Ана Брнабиќ, и вицепремиерот Ивица Дачиќ во Србија денеска го отворија дводневниот 7. Самит: ЕУ и Југоисточна Европа – Одржлива обнова на Балканот, на кој учество зема и Бизнис-делегација на Сојуз на стопански комори на Македонија (ССК), предводена од претседателот Данела Арсовска.

Самитот е во организација на реномираниот лондонски „Економист“ и истиот го одбележаа многу релевантни говорници како претставници на НАТО, Европската комисија, влади на земјите на Југоисточна Европа, министри, амбасадори, директори на меѓународните финансиски организации кои дискутираат на најактуелните теми во моментов за Балканот. Тој е еден од клучните настани во организација на „Екомомист“ како светски бренд, кој годишно организира настани на ниво на светските лидери кои дискутираат за стратешки политички и економски прашања.

Акцент на овогодишниот Самит е подобрување на економската и регионална соработка, проширување на ЕУ и Западен Балкан, деловна клима, дигитализација, енергетска ефикасност, развој на услови за економски развој на регионот.

Арсовска го отвори панелот посветен на економијата и дискутираше за важноста од економска стабилност, за тоа што следи за бизнисот и економијата во регионот, можностите на регионот настапувајќи како единствен пазар и приближување кон ЕУ, како и за работите кои е потребни да се направат со цел да се зајакне довербата на инвеститорите.

„Земјите од Југоисточна Европа повеќе или помалку имаaт слични предизвици, но најголемиот заеднички предизвик што ги обединува е одржливиот пат кон економски развој, а во таа насока добрососедските односи и политичка стабилност на регионот се дел од клучните услови. Воспоставувањето заеднички регионален пазар од над 20 милиони ќе го направи регионот поконкурентен, но и секоја од државите поединечно. Обединет пазар значи нови работни места, намалување на трошоците, побрз проток на стоки и луѓе и повеќе инвеститори во Западен Балкан.
Од друга страна, довербата на инвеститорите е поткопана, што е уште еден голем предизвик за нашите земји. Сите се соочуваме со истите предизвици кои се и дел од барањата на Европската Унија кои мора да се регулираат, а тоа се проблемите со владеење на правото, корупцијата и нетранспарентна и брза промена на легислативата. Справувањето со овие клучни предизвици е услов за подобрување на деловната и инвестициската клима“, истакна Арсовска во своето обраќање и додаде дека неопходно е поголемо искористување на расположливите фондови со цел да се изгради силна економска мрежа како единствен пазар што ќе го зајакне регионот и ќе го приближи до ЕУ.

На панел дискусијата таа говореше заедно со Бојан Марковиќ, претставник на ЕБОР, Eрика Теоман – Бреннер, претставник на Австриската организација за промоција на трговијата Advantage Austria, како и Гаетано Масара, претседател на Tungsram, а на сесијата беше поентирано дека сега е моментот засилено да се имплементираат структурните економски реформи за поттикнување на инвеститорите и враќање на нивниот интерес за регионот.

Минатата година Самитот на ЕУ и Југоисточна Европа се одржа во Подгорица, а претходно во Виена, Букурешт и други европски центри.