Боксерскиот клуб „Скопје тим“ преку проектот „СО БОКС ПРОТИВ НАСИЛСТВО“ ќе го намалува насилството помеѓу младите во Скопје

|

Желбата за докажување кај младите е природно голема. Таа желба често се јавува и во форма на физичко докажување, што води до насилство во училиштата и на улиците. Сведоци сме дека до тепачка доаѓа и само доколку младите се погледнат лошо, или кажале поинаков став за одредена работа. Тоа што дополнително го влошува овој проблем е фактот дека оваа тенденција води и до насилство помеѓу млади од различни етнички групи кои живеат во нашиот град.

Поради тоа, со цел да се намали агресијата меѓу младите, Боксерскиот клуб „Скопје тим“ започнува со проектот „СО БОКС ПРОТИВ НАСИЛСТВО“, бидејќи боксот како спорт ги учи младите како на здрав начин да се ослободат од агресијата.

Суштината на проектот е да им се покаже на младите дека спортот, а особено боксот, им дава можност за докажување и натпревар но на безбеден начин. Така, преку овој спорт тие можат да ја испробаат својата физичка сила, но на начин што е безбеден, софистициран и не само што нема да им создадат непријатели, туку напротив ќе дојдат до нови пријателства. Тој ќе ги опреми и со една клучна вештина која ќе им служи и понатаму во животот – важноста да го почитуваат противникот.

За таа цел од клубот ќе организираат хибриден настан кој на интересен и несекојдневен начин ќе направи спој од бокс турнир и предавања против насилството.

Бидејќи ова е настан од локален карактер, со почетокот на учебната година ќе бидат повикани ученици од сите средни училишта во Град Скопје, на бокс турнир во четири борби со осум борци кои досега се докажани на бројни домашни и меѓународни натпревари од мешан етнички состав, додека пред секоја од борбите ќе можат да следат кратко предавање за тоа зошто спортот е одлично место за физички натпревар и зошто уличното насилство е срамно и кукавичко однесување помеѓу луѓе кои и не се така физички спремни.

Во предавањата ќе учествуваат еминентни универзитетски професори по физичка култура, личности популарни помеѓу младите, личности од Министерството за внатрешни работи и некои од нивните најуспешни боксери.

Боксерскиот клуб “Скопје” е совршен за организирање на еден ваков настан затоа што е воден од проф. д-р Руждие Калач, кој е човек со најголем авторитет во боксот.

Повеќе детали очекувајте наскоро.