Четири семејства го отфрлиле ова куче, го вдомил човек кој знае како му е

ИЗВОРСкопје24
|

Животните кои го поминуваат својот живот во азил, мечтаат за топлината и љубовта која ја пружа семејниот дом. Но, не секое од нив ја има истата среќа бидејќи некои вдомени животни брзо се отфрлаат.

Во прифатилиштата се наоѓаат и животни кои во текот на животот преживеале трауми поради кои се соочиле со деформитет. Тоа е случај и со кучето со име Бандит. Неговите задни нозе останале неподвижни поради здравствени проблеми, а неговата тажна приказна стигнала до човек кој исто така се движи со помош на количка. Тој не се двоумел дали да ја преземе грижата за Бандит бидејќи најдобро знае колку е тежок животот на еден инвалид.

Бандит дури четири пати бил вдомуван, но секој пат го враќале во прифатилиштето. Тој бил спасен од улица, а потоа префрлен во азил за животни во сојузната држава Џорџија. Потоа се нашол под надзор на организација која работи при локалниот затвор – таму живеат кучиња кои се поштедени од евтаназија, а за нив се грижат затворениците.

Ветеринарите откриле дека Бандит има срцев паразит и дека ќе му биде потребно долго и упорно лекување. Се чинело дека нема да се појави семејство кое би го прифатило сè додека не се појавиле Дерел и Су Рајдер. За првпат го виделе на Фејсбук и не им сметало што животното има посебни потреби бидејќи и Дерел се соочува со истиот животен проблем. Тој останал парализиран од струкот надолу како последица од повреди добиени во не*реќа. Првобитните прогнози укажувале дека одземеноста на нозете е привремена, но се случило најлошото сценарио, пренесува “Bored Panda”.

“Најинтересно е што Бандит и јас ја делиме истата судбина. И двајцата имаме иста дијагноза и користиме инвалидска количка. Су и јас добро знаеме што е неопходно за Бандит да има нормален живот, неговото присуство го продлабочи нашиот однос”, вели Дерел и додава дека Бандит одлично се вклопил во новиот дом:

“Се прилагоди на животот во нашиот дом подобро отколку што очекувавме. Ние сме неговото семејство и не би биле волку среќни доколку тој не беше со нас”.