Неда Малеска Сачмароска: „Степенот на транспарентност во Македонија е очаен, многу малку самоуправи воопшто објавуваат податоци“

Македонија е земја во која многу малку се знае и се зборува за тоа што се отворени податоци кои имаме право да ги знаеме како граѓани, а треба да ни бидат овозможени од страна на властите на локално ниво. Во светот овие информации носат голем број на бенефити како финансиски (кои се бројат во милиони), така и социјални и општествени, а во Македонија речиси и не постојат. Со цел оваа проблематика да ја доближиме повеќе до обичниот граѓанин и воедно да ве информираме за сите бенефити кои произлегуваа од отворените податоци во општеството, Скопје24 направи разговор со господинот Ендру Стот кој ни ги пренесе своите искуства од Велика Британија и со госпоѓата Неда Малеска Сачмароска како дел од Центарот за управување со промени кои го водеа проектот во Република Македонија.

Најпрво да објасниме што се всушност отворените податоци! По дефиниција, отворените податоци се податоци во компјутерски обработлив формат кои може да се користат слободно, да се реискористуваат и да се редистрибуираат од страна на било кој, безограничувања. Податоци кои организациите, а особено институциите од јавниот сектор треба да ги објава во отворена форма, а се однесуваат за најразлични параметри од нивното работење. Доколку ги земеме во предвид институциите од јавниот сектор, би можеле да констатираме дека тие согласно своите законски надлежности, како и во рамките на своите секојдневни активности, прибираат и обработуваат голем број податоци, од широк опсег.

За таа цел граѓанската организација „Центар за управување со промени“ (ЦУП) го создадоа проектот „Граѓанинот на прво место“, за кој подолу ќе зборуваме малку повеќе, и со поддршка на ЕУ и Британска амбасада направија истажување на прашањета што бараат граѓаните од власта како отворени податоци.

„Едно е прашањето што власта сака да отвори, ама од граѓански аспект нас не интересира и што сакаат граѓаните како податок и информација сакаат да знаат и што им е потребно. Го направивме ова интересно истражување во кое се гледа дека граѓаните ги интересираат повеќе оние работи кои што се однесуваат на финансиите, односно финансиската транспарентност и отчетност ама и работи во областа на образованието, здравството, социјалните услуги… На пример ги интересира каков е квалитетот на образованието, сите сакаат да донесат информирана одлука каде да го запишат своето дете и сите сакаат своите деца да ги стават во добро и квалитетно образование.“ – велат од граѓанската огранизација.

Целта на овој проект и истражување е усвојување на минимум стандарди, односно задолжителни механизми во вид на стандарди со чија помош локалните власти ќе мораат да ги отворат информациите, со што ќе се зголеми транспарентноста и ќе се подобрат услугите, и да се размисли на кој начин истото би се направило.

„Податоците на институциите кои ние ги истражувавме од локалната власт се многу затворени, степенот на транспарентност е очаен, на страницата може да се видат параметрите на веб транспарентност, каде што многу малку самоуправи воопшто ги објавуваат податоците и информациите. Тоа е форум каде што градоначалницие си кажуваат што направиле, а не нешто каде граѓанинот може да се информира“, вели Неда Малеска Сачмароска од ЦУП.

Во овој проект користена е и компаративна анализа од позитивни искуства на најдобро рангирани земји од Европската Унија, па за таа цел во Македонија беше присутен господинот Ендру Стот од Велика Британија, кој е ангажиран како надворешен екперт за подготовка на Стратегијата за отворени податоци во Република Македонија.

1. Кажете ни нешто повеќе за проектот „Граѓанинот на прво место“, на што тој се фокусира и која е неговата цел?

– Главната цел на проектот беше да се постават главни стандарди за отварање на податоците во општините. Тие како што знаете фукционираат различно од централната власт и си имаат своја законска регулатива, и пред се сакавме да ги стимулираме општините да отвараат податоци од делокругот на нивната работа. Тоа значи дека направивме анализа која се состоеше од повеке аспекти: првиот аспект беше законската рамка со која се уредува дека општините треба да водат најразлични регистри и евиденции, а вториот аспект се базираше на тоа што им треба на граѓаните од општините, врз база на истражување на терен, односно анкета и фокус групи. Резултатите од таа анализа ги покажа областите, односно покажаа кои информации им се најпотребни на граѓаните. Така дознавме дека им требаат информации од областа на финансиите, образованието, социјалната заштита и животната средина. И трето направивме компаративна анализа на најдобри пракси за отворени податоци во земјите од ЕУ, за да направиме еден вид на спојување и да дадеме предлог кои податоци треба да се објават како отворени од страна на општините. Главната цел беше да ги направиме во оваа форма на стандарди во кои за секоја област имавме дефинирано точно кои податоци треба да се објавуваат од страна на општините, и преку соработка со Министерството за информатичко општество и администрација и Министерството за локална самоуправа, на некој начин лобиравме за истите понатаму се употребуваат.

2. Дали како организација која се занимава со ова прашање сметате дека граѓаните се доволно информирани и дали се дава доволно медиумско значење на оваа тема знаејќи дека истата е од големо значење за општеството?

– Генерално мислам дека не, бидејќи најчесто се меша поимот на отворени податоци со некој вид на веб транспарентност, односно со објавување на податоци на веб страници, а тие се различни концепти. Самото објавување на податоци на една веб страница не значи дека тоа е отворен податок, затоа што отворен пораток сам по себе подразбира многу други концепти, а пред се тоа се посебни компјутерски отворени формати, машински обработливи формати, што овозможува лесно манипулирање на податоците од страна на развивачи на апликации или пак аналитичари кои ги користат за агрегација или обработка на истите. Значи отворените податоци се најсуровата форма на податоци, како некој вид на табеларен приказ на податоци каде што најосновните податоци се објавуваат, за разлика од објавени информации на веб страници или ПДФ документи каде информациите се веќе обработени и претсавуваат некој вид на позатворен податок.

3. Бидејќи во проектот кој е изработен користена е компаративна анализа на нашето општество со најдобри практики за отворени податоци во ЕУ, тука Велика Британија е една од водечките, господине Стот можете ли да ни кажете какви беа очекувањата и какви се разултатите сега од отварањето на податоците во Велика Британија?

– Имаше 4 главни цели за проектот на отворени податоци. Првата беше да се зголеми транспарентноста на владата, и тоа со помош на нови владини реформи кои поставија минимум стандарди за секоја иституција која треба да објави информации на пример за големината на нивните плати, информации за плаќањата кои ги извршуваат за набавка на добра, за секој договор и други слични информации кои се однесуваа на 300 институции на централната власт и 388 министри. Кога го започнавме процесот имаше голем број на прес конференции со цел да им се влијае на луѓето од јавниот живот да внимаваат повеќе на тоа како ги трошат парите. Кога конечно информациите станаа отворени за јавноста, таа дозна дека биле давани пари за јога часови, за прошетки во природата надвор од Лондон, за тркачки спортови и слично. Всушност целта на сето ова беше луѓето од јавниот сектор, особено оние кои ги потврдуваат и издаваат трошоците, да станат свесни дека тоа всушност не се нивни пари, туку пари на народот, и да почнат да ги трошат порационално како резултат на тоа. Овој процес помогна за намалување на државните трошоци и овозможи истите да бидат искористени порационално, на места каде што и се наменети. Рационално е доколу останат пари во буџетот тие да бидат вратени назад и потоа истите да бидат искористени во здравството или образованието. Втората цел беше економскиот раст и бизнис иновациите. Идејата беше дека со отварање на податоците, бизнисмените ќе размислат за нови начини на нивно користење во корист на бизнисот. Тие би станале многу попродуктивни и би измислиле нови услуги кои би им биле од корист на целата јавност. На пример со помош на информациите од властите во Лондон се создадоа апликации на кои во реално време се покажува сообраќајот на метрото, трамвајот и автобусите. По три години од нивното објавување увидовме дека постојат 500 апликации кои ги користат овие информации, а со тоа беа вработени 5.000 луѓе. Половина од населението во Лондон користи барем една од овие апликации на својот телефон. Кога го видовме економскиот бенефит од нив тој изнесуваше 58 милиони фунти за инвестиција вредна помалку од 1 милион фунти. Ова всушност му заштедување време на Лондон, затоа што сите луѓе пред да излезат од дома знаеја дали сообраќајот е затворен, како и каде да се движат. Третата цел е реално доближување на граѓаните до јавните услуги во нивните населени места. Така, локалните власти објавуваат информации кои лично ги засегаат сите нив, како што се локалните училишта, односно каде тие постојат како установи, какви наставни планови имаат, колкави се паралелките во нив, какви резултати имаат постигнато учениците во секое едно од нив, за родителите да можат да дојдат до нив. Се случуваше, при нивно обелоденување од страна на властите, во локалните весници да излезат како дополнителен дел кој се продаваше бесплатно, за да им помогнат на родителите полесно да одлучат каде да ги запишат своите деца. Покрај тоа им се правеше и притисок на оние училишта кои немаа доволно добри резултати да се подобрат, а како крајна цел се подобрува образовниот систем во целост. Слично е и со здравствениот систем, кога се доаѓа до сознание дека одредени болници имаат помал број на вработени лица или инфективни заболувања на пример, луѓето знаат дека менаџментот не работи добро или се бара од вработените да одржуваат подобра хигиена. Истото се однесува и на полицијата. Четвртата цел е да се направи самата власт да биде поефикасна. Самиот факт дека властите ги имаат овие информации не значи дека ги користат или споделуваат онака како што треба. Во Манчестер во Лондон беа навистина лоши во споделувањето на информациите мегу себе, но со отварањето на податоците тие заштедија 6,5 милиони фунти на годишно ниво. Значи транспарентност, економски подобрувања, подобри јавни услуги на локално ниво и поефикасна власт се, сумирано, целите кои сакавме да ги постигнеме и до сега имаме постигнато напредок во секое едно од нив. Секако ова е област која има простор за развивање и постојано поставуваме повеќе информации, гледаме што може понатаму да се подобри, воведуваме новини, а и секогаш може да се даде поголем притисок за потранспарентно работење.

4. Во последно време беше актуелна темата со финансиските (патните) трошоци на владините службеници и голем дел од граѓаните ја видоа моќта на отворените информации, па така секако граѓаните би сакале да знаат во кои други сектори информациите би им биле корисни на на самите нив и на општеството?

– Финансиските податоци дефинитивно се секогаш интересни и секогаш ги интересираат истражувачите и новинари, но мислам дека многу може да се постигне во отварањето на податоците во здравството. Таму и сега има огромен број на податоци кои се однесуваат на различни нивоа на здравсвените установи како на пример информации за тоа какви лекови се користат најмногу или од какви дијагнози најмногу боледуваат граѓаните, а со нивно агрегирање може буквално да се подобри здравствената политика и начинот на едукација на населението за тоа каква превенција треба да се има во здравствената заштита. Може многу да се направи во таканаречените гео-специјални податоци, кои веќе ги има агенцијата за Катастар на недвижности. Тие податоци како мапи од најразличен вид се многу значајни за бизнис секторот и можат да бидам многу значајни кога се поврзуваат со социјални апликации.

5. Од позитивната практика на земјите од ЕУ можеме да видиме дека со отварањето на информациите за јавноста, млади иновативци ги користат за создавање на апликации на пример за следење на квалитетот на воздухот (слично како апликацијата „Мој воздух“ кај нас), количината на отпад, за подобрување на здравствениот систем, на транспортниот систем и.т.н што од сето тоа би било реално применливо кај нас и од каде би ја добиле поддршката за започнување на истите процеси?

– Кога сме кај „Мој воздух“, таа апликација е една од најдобрите апликации направена, но таа практично и не се базира на отворени податоци, гледано теоретски, туку се базира на податоци од Министерството за животна средина и просторно планирање, но тие не ги објавуваат во отворен формат, туку тоа се вика еден вид на скрејпување на податоци, каде што програмерски се превземаат податоците кои потоа се објавуваат. За да бидат од отворен формат треба да се инвестира дополнително од страна на Министерството, бидејќи вака на развивачот на „Мој воздух“ му требаат многу повеќе напори и време за тоа да го направи. Мислам дека можат да се направат многу добри апликации врз база на отворени податоци. Најголем ефект имаат податоците од јавниот транспорт. Доколку се објават тие информации како што тоа е направено и во Велика Британија можат да се развијат апликации за автобусите, за железницата и слично, но засега не сум баш сигурен дека може да се направи профит од една таква апликација. Земајќи во предвид дека ние во Македонија сме еден помал пазар, многу е тешко да продаваш апликација врз основа на чланарина или купување на истата. Најчесто кај нас доколку се заработува од апликациите се заработува од маркетинг, но тоа пак зависи од опсегот на луѓе кои ја користат, односно колкава ќе биде посетеноста. Таков е примерот и со „Мој воздух“ каде што сите сме заинтересирани за тоа, па затоа сите и ја симнуваме на нашите телефони. Затоа апликации кои би биле од областа на транспортот, здравството, образовни услуги и слично би можеле да се направат во блиска иднина, бидејќи се од голем интерес на луѓето, на генералната популација, со што и самата апликација би била поуспешна.

7. Дали апликациите се правиот метод за информирање на граѓаните, ако земеме во предвид дека поголем дел од постарото население не користи доволно интернет или сметате дека тие повеќе треба да бидат пласирани преку медиумите како гласот на народот?

-Мислам дека ефектот е обостран. Од една страна имањето на податоци овозможува да се развијат многу апликации бидејќи сега речиси сите користиме паметни телефони, се менуваат генерациите, а притоа и постари генерации користат паметни мобилни телефони во кои имаат барем по некоја апликација за секојдневниот живот. Од друга страна во сите земји во светот покрај апликациите има и голем број на истражувања кои се пласирани на медиумите (весници, портали или телевизии), а се базираат на тие податоци, или пак научни трудови и слично. Така што ефектот е апсолутно обостран.

– Јас сметам дека медиумите и нивното користење на отворените податоци се многу значајна работа во општеството. За пример новинарите во секој голем весник или во ББЦ имаат свој тим кој се занимава со овие отворени податоци и нивно анализирање. Во Велика Британија ваквите новинари имаат најдено приказни кои никој не ни знаеше дека постојат. Затоа ни се потребни овие промени. Не се работи за тоа дека властите се обидувале да ги сокријат овие информациите, туку јавноста и новинарите едноставно не знаеле што се има во тие нив.

8. За крај прашање до двајцата, дали сметате дека нашето општество е зрело и подготвено за ваквите промени?

– Според нас како организација мислам дека општеството е спремно, затоа што сите користиме информатички технологии, на едно ниво или друго. Мислам дека за пошироката јавност гледањето на отворените податоци, можеби може да му биде комплексно, бидејки се тоа сурова форма на податоци и бараат одредена форма на анализа и обработка за која треба да имаме постручен кадар, кој тоа ќе го прави кога е во прашање програмирањето, а секако и за обични анализи од срана на истражувачи или граѓански организации. Во секој случај, сметам дека општеството е спремно, пред се затоа што имаме развиен ИТ сектор, а од друга страна квалитетни истражувачки организации кои веќе знаат да работат со отворените податоци.

-За да имате успех во оваа област потребни се неколку нешта. Најпрво мора да ги имате информациите. Иако во некои од министерствата тие сеуште се чуваат на хартија, голем напредок е направен со компјутеризацијата и дигитализацијата на некои од системите, па така морам да кажам дека ИТ системот е дури подобар и од Англија, а тоа е она што е потребно за собирање на податоците. Јас мислам дека Македонците се познати по добри информатички вештини, па кога зборуваме за техничките можности, тука веќе постојат луѓе кои неофицијално ги користат овие информации, како например за апликацијата која покажува колкава е загаденоста на воздухот во Скопје. Мислам дека новата власт со некои од работите кои досега ги направи покажа дека веројатно е спремна да го продолжи напредокот во транспарентноста, а секако за тоа сум и јас тука да помогнам и да го споделам моето знаење за овој процес го истуркаме понатаму.

(Наталија Јосифоска)