Дејвид Боуви, Есма Реџепова, групите „Квин“, „Леб и сол“, „Лева патика“… Ќе добијат улици во Скопје – Ова е целосната листа

ИЗВОРСкопје24
|

Советот на Град Скопје на претстојната седница ќе расправа за дополнување на Листата на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти на подрачјето на Град Скопје. Со усвојувањето на ова дополнување, постоечкиот регистар на имиња се предлага да биде дополнет со вкупно 571 име.

Град Скопје спроведе онлајн анкета во летото 2019-та година на која граѓаните ги дадоа своите предлози за имиња на градските улици, а листата беше дополнета и со други формално доставени иницијативи. Пејачот Дејви Боуви и групата „Квин“ ќе добијат улици во Скопје, а улици ќе бидат крстени и по групите „Леб и сол“, „Лева патика“, „Бис Без“ и „Мизар“, по Есма Реџепова, како и по филмот „Медена земја“.

Во листата се вклучени имињата на народни херои и други носители на позначајни државни одликувања, познати личности и настани од светската историја, имињата на скопските градоначалници, ректори на скопскиот универзитет, академици, државници, стопанственици, научници, спортисти, уметници и др.

Во листата е и новинарот Никола Младенов, пејачката Вања Лазарева, архитектот Живко Поповски, спортистите Благоја Георгиевски-Буштур, Атина Бојаџи, актерот Владимир Ангеловски – Дади како и заменик-градоначалникот на Скопје Енвер Малиќи. Во листата се и писателите Славко Јаневски, Петре М. Андреевски, Блаже Конески, Владо Малески.

Се предлага еден плоштад да се вика „Вера надеж и љубов“, а улица да биде крстена и според местото Нивици каде беше потпишан Договорот од Преспа.

– Со ова дополнување на листата предвидено е да се зголеми бројот на имиња на женски личности и настани кои оставиле белег во историски и културен контекст, како и на припадниците на немнозинските заедници кои живеат во Скопје, но и на бројот на топоними со регионално и светско значење. Од вкупно 571 име, 479 се имиња на истакнати личности од кои 79 се имиња на жени, додека пак останатите 92 имиња се имиња на поими кои означуваат поважни настани, топоними и други поими. Во дополнувањето на листата вратени се и имињата на улиците од периодот на солидарноста и изградбата на повоено Скопје, а кои беа отстранети со претходни одлуки на Советот на градот, велат од Град Скопје.

Согласно Законот за определување на имињата на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти името на улица, плоштад, мост и на друг инфраструктурен објект може да биде определено со географско, етнографско, историско и друго обележје, име на истакната личност од областа на историјата, науката и културата, други погодни имиња, како и име на значаен настан и датум, врз основа на листа на имиња.

Сите идни промени на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти на подрачјето на Град Скопје согласно овој закон предвидено е да се црпат исклучиво од оваа листа која можете да ја погледнете со клик ТУКА.