ДЕЛ VIII: Мултилатерална соседска политика – еквидистанца и регионална интеграција

Колумна на Владимир Бошњаковски

ИЗВОРСкопје24
|

Ако Балканот е триаголник на хаосот, Македонија е централната точка на тој триаголник. Односите меѓу државите кои што гравитираат околку Македонија се толку испреплетени – во историска, географска, идентитетска, безбедносна, економска и секоја друга смисла на зборот – што за тоа би било малку дури и ако се напишат 1000 страници. Духовите од неодамнешните војни и соновите за големи држави, во комбинација со отворените геополитички прашања за целиот регион, истиот го прават екстремно опасен хабитат за една млада, многу слаба и разединета држава како што е Македонија. Ние треба да најдеме, не една туку повеќе “магични” формули на внатрешен и надворешен план за да ги зголемиме шансите за преживување на нашата држава во оваа нестабилна средина. Суштината на многу од тие формули е „вродените„ слабости – како географијата и хетерогеноста на населението – да ги трансформираме во моќ.

Во сферата на мултилатералниот аспект на соседската политика, формулата е постигнување на две стратешки цели.

Еквидистанца – што тоа значи ?

Една таква формула за односите со соседите, на која што политичарите во минатото се повикуваа е т.н. политика на еквидистанца. На кратко тоа значи дека Република Македонија треба да има еднакво блиски т.е. еднакво далечни односи со сите свои соседи. Суштината на оваа доктрина произлегува од двојниот ризик од премногу тесни врски со еден сосед за една мала држава во еден ваков поливалентен регион. Од една страна, ексклузивни врски со еден сосед, ќе прават другите соседи да не гледаат како сојузник на нивен непријател, додека тој ист “сојузник” со пенетрација во економијата, политиката, културата и безбедносниот систем заснова доминација врз инстутуциите на државата или одредени општествени групи. Ова претставува сериозен ризик за суверенитетот и територијалниот интегритет на државата.

Оваа многу рационална теорија, до сега никогаш не е преведена во пракса. До ден денес, Македонија останува предмет на сериозно влијание на повеќе нивоа од одредени соседи, кои имаат сериозен потенцијал да влијаат врз динамиката на внатрешните случувања на државата. Со ова не сакам да кажам дека било кој од соседите е злонамерен, но имајќи ја таа моќ врз нашата територија, соседот секогаш ќе биде во искушение дали истата да ја злоупотреби за проекција на свои популистички или реалполитички интереси.

Многу често се чини дека самата држава односно елитите што ја водат не само што не успеваат да постават брана на таквото влијание, туку се чини и дека во одредени случаи самите намерно или не го канат. Од своја страна, државниот апарат свесно гаи одредена нетрпеливост кон одредени држави и свесно или несвесно ги ограничува институционалните, инфраструктурните и културолошките врски со нив.

Тоа мора да се смени, со тоа што ќе ги редефинираме односите со првата категорија соседи и ќе ги продлабочиме односите со втората категорија на соседи. Целта на оваа промена на курс е потребна затоа што ќе ни даде поголем простор за да ги балансираме нашите помоќни соседи еден против друг и така да осигураме дека ниту еден од нив нема да не задоминира. За жал, радикално реструктурирање на нашата поставеност кон соседството се чини дека не е возможно на краток рок, пред се затоа што домашните групи на население го сметаа ова status quo како добро. Сепак, на среден рок по секоја цена мора да се спроведе промена.

Зошто регионалната интеграција треба да се случува?

Најфундаменталната цел на нашата меѓународна политика дали на глобално, макро-регионално или микро-регионално ниво е да избега од хаосот и нестабилноста на трусното подрачје во кое што државата се наоѓа. На некој начин може да се каже дека Македонија треба да и избега на својата историја и географија. Еден скратен пат за доближување кон оваа цел е интеграција на целиот регион во Европската Унија, која што ќе доведе до релативизирање на значењето на границите, европеизација на популацијата и политичките елити, и најважно креирање на економска меѓузависност што ќе ги направи воените конфликти меѓу државите скоро невозможни или барем премногу скапи.

Чекор кон пан-европската интеграција и интеграција на регионално ниво. Плановите за таква интеграција често проникнува како популарна тема, дали во форма на Берлинскиот Процес или поново Мини Шенген – идеја која наиде на неоправдани критики најверојатно затоа што беше интерпретирана во светло на француското вето. И ако е точно дека регионалната интеграција не може и не смее да биде замена за ЕУ, таа би требало да се случува дури и сите држави на Балканот веќе да беа полноправни членки.

Ова е така затоа што поврзувањето на регионот: (i) е добро само по себе односно ќе го забрза економскиот раст на целиот регион, ќе доведе до зголемена стабилност и ќе ги намали меѓуетничките фрикции; и (ii) создавањето на синергија и координација помеѓу државите од регионот ќе ја зголеми нивната колективна моќ за наметнување на заедничките интереси vis-à-vis други региони и држави, неважно дали во или вон рамките на ЕУ. Замислете го тоа во контекстот на преговарање услови и поволности за странски инвеститори, камати за кинески кредити или структурата на буџетот на ЕУ.

Неверојатно, но реално: Македонија како природен лидер

Македонија има сериозен „вроден„ капацитет да биде главен лидер во регионалните интеграциски процеси и тоа во геополитичка и идеолошка смисла на зборот. Интересно, Македонија географски и историски е многу слична на Белгија, која исто како и нашата држава низ историјата била територија за проектирање на амбициите на нејзините големи соседи и е хетерогено општество. Не е случајно што денеска Белгија е срцето на Европската Унија. Македонија го има „белгискиот„ потенцијал за регионот.

Територијата на Македонија е оптимална за на неа да се лоцираат мнозинството и главни институции за регионалната интеграција. Прво, географски, нејзината централна положба на јужниот дел од Балканот – што во минатото и сегашноста довеле до тоа таа да биде главниот извор на раздор и воено поле – ја прави државата еднакво достапна до главните градови на соседите. Ова е особено точно за Скопје. Второ, лингвистичката и културолошка хетерогеност на општеството – исто така извор на нестабилност – овозможува таа биде извор на човечки ресурси кои што зборуваат повеќе јазици од регионот односно средина во која што еден бугарин, србин или албанец ќе можат да се разберат на нивниот мајчин јазик и ако не се дома. Така, Македонија со неверојатна брзина ќе може да изгради мултилингвални институции кои што ќе ги опслужуваат потребите за кои се создадени.

Додатно, нашата држава е мала и слаба, па не може да предизвикува суета или да претставува закана за соседите. Официјална Тирана или Белград тешко си попуштаат едни на други, затоа што тоа е гледано како давање на предност на конкуренцијата и тешко се оправдува пред домашната публика. Од друга страна Скопје – во комбинација со горенаведените фактори – лесно може да се прифати како централен нервен систем на еден регионален бирократски апарат.

Од друга страна – колку на нас од внатрешна перспектива да ни се чини лошо – нашата држава е пример, во регионот и подалеку, за тоа како треба да се решаваат внатрешите меѓуетнички односи. Истовремено, без разлика на квалитетот и оправданоста на Договорот од Преспа, тој може сериозно да се користи за државата да се претстави како ентитет што дал огромна жртва за мир и стабилност во регионот, па затоа има морално право да биде и негов идеолошки лидер. Последново може да се прими со доза на немир од одредени граѓани, но реалноста е дека Договорот од Преспа претставува fait accompli (дипломатски жаргон за завршена работа) и веќе е изречно или премолчно прифатен од сите релевантни политички фактори. Затоа покрај што треба да ги трпиме неговите последици, можеме да ги користиме и придобивките кои произлегуваат од него.

Се на се, нашата држава има сериозен потенцијал да се наметне како центар и лидер на регионалната интеграција, но и како медијатор, контакт точка и неутрален терен за решавање на другите регионални конфликти. Бенефитите од ова за самата држава сметам дека се очигледни и дека било каква дискусија за нив ќе биде само непотребно преоптоварување на овој текст.

Доволно за мултилатералните односи. Следно билатералните.

Остварувањето на горенаведените идеи ќе води кон постигнување на општите гео-политички цели на државата, но и ќе создаде платформа за влијание вон нашите граници. Сепак, покрај добрата мултилатерална поставеност во соседството, потребна е и јасно реструктурирање на билатералните односи со секој индивидуален сосед. Тоа ќе ни помогне да го заштитиме нашиот суверенитет и да наоѓаме нови прозорци за проекција на наше влијание вон границите на државата. Колку и да се последниве ретки и мали, тие сепак постојат.

За тие билатерални односи повеќе во следниот текст.

Авторот е магистер по меѓународно право и дипломатија, адвокат и консултант за стратегија и преговори.

ДЕЛ I

ДЕЛ II

ДЕЛ III

ДЕЛ IV

ДЕЛ V

ДЕЛ VI

ДЕЛ VII